Мислам да го определам поимот воздржување не само како ограничување од јадење и пиење, во кое мнозина од елинските философи успевале, а пред сѐ како ограничување на очите од нивно скитање. Зашто, каква полза има да се воздржиш од јадење, а да потпалуваш во своите очи лакомост за блудство, или пак со своите уши задоволно да слушаш суетни песни и ѓаволски зборови? Не ти е од особена полза воздржувањето од јадење, како што ќе ти биде воздржувањето од гиздење, од претерување, од суетна слава и од секаква страст. Воздржувањето е почеток на духовниот живот; тоа е отуѓување од слабостите и искоренување на гревот. Воздржувањето го уништува осилото на сластољубието, зашто последното е голема мамка за злото; имено, поради сластољубието ние најмногу сме паднале во грев; преку него, како преку јадица, секоја душа се вовлекува во смртта. Поради тоа, кој не е завладеан и не е распален од сластољубието, тој преку воздржувањето успева да ги избегне гревовите.
Воздржувањето ќе го наречеме не само совршено ограничување од храна, нешто што ќе предизвика насилно нарушување на животот, туку откажување од служењето на страстите. Воздржувањето пред сѐ служи за уништување на телесното мудрување со благочестива цел. Воопшто, во насладувањето, што е мечта за оние кои живеат во страсти, е неопходно воздржувањето. За нас, пак, е причина за развивање во благочестието. Подвигот на воздржувањето не се однесува само на откажување на угодностите на стомакот – туку во сето она што го загадува усовршувањето на душата. Да го полниш стомакот непотребно и да се обременуваш со јадења, тоа дело заслужува проклетство: „Тешко вам кои сте сега презаситени, оти ќе огладните!“ (Лука 6, 25). За да се избегне неумереноста во насладите, целта на јадењето треба да се постави не во веќе познатото пријатно чувство, туку во неопходноста од храната за одржување на животниот процес, зашто да бидеш ропски понизен на задоволството, тоа не е ништо друго освен да го направиш својот стомак божество. Мислам дека ниту еден збор толку не трогнува и не насочува кон поправање на душата што не е навикната на воздржување, како што е една средба со воздржаник.
Неопходно за човекот е да применува власт и над стомакот, зашто зауздувањето на стомакот е задушување на страстите; а задушувањето на страстите раѓа успокојување и мир во душата; душевниот, пак, мир е најобилниот извор на добродетели. Најдобро воздржување за стомакот е она што се определува од секој човек според неговите телесни можности. Воопшто, целата грижа на човекот треба да се насочи кон тоа да не биде понижено достоинството на неговата душа преку походот на сластољубивите помисли. Поради тоа, пред сѐ е неопходно воздржување што ќе служи како буден стражар на целомудрието и кој нема да му дозволи на умот кој нѐ раководи, да скита наваму и натаму. Строгиот закон на воздржувањето определува: мерка за јазикот, граници за очите, топка за ушите, количество за стомакот. Кој не се држи во тие рамки, тој е своеволен и невоздржлив.
Св. Василиј Велики