Бог од вечност се радува во возвишеноста на Својата Слава… Славата е откривање, богојавување, отсјај, одежда на внатрешното совршенство. Бог од вечност се открива Себеси во вечното раѓање на Својот единосуштен Син и во вечното исходење на Неговиот единосуштен Дух, па така единството во Света Троица заблескало со Слава – суштинска, нераспадлива, неизменлива. Бог Отецот е Отец на Славата (Ефес. 1, 17); Синот Божји е блескање на Неговата Слава (Евреите 1, 3) и ја има Славата на Отецот уште пред создавањето на светот (Јов. 17, 5). Исто така и Духот Божји е Дух на Славата (1. Петр. 4, 14). Бог живее во оваа Своја внатрешна Слава, во совршено блаженство кое ја надминува секоја слава, без потреба од сведок, не допуштајќи какво и да е делење. Но, во Својата милост и бесконечна љубов, Он сака да го сподели Своето блаженство со другите, да ги направи блажени оние што заедничарат со Неговата Слава.

Он на Своите созданија им ги открива Своите бесконечни совршенства; Неговата Слава се јавува во Небесните сили, се одразува во човекот, го облекува видливиот свет во облека на величественост. Он им ја дава Својата Слава на оние што Он ги прави учесници, ним им ја дава да ја примаат за потоа таа повторно да Му се врати Нему. Ова вечно кружење на Божествената Слава ги сочинува блажениот живот и среќата на созданијата…

Од моментот кога Божеството постои во човештвото, Неговата божествена сила ни подари сè што е потребно за животот и побожност (2. Петр. 1, 3); и затоа нашата слабост ќе биде засилена со оваа божествена сила, нашите лаги ќе бидат очистени од божествената вистина, нашата темнина ќе биде осветлена од божествената Светлина…

Во тоа е славната Тајна и таинствената Слава на денешниот ден! Небесните слуги на Светлината ги видоа мугрите на Славата пред нас и одеднаш нè возбудија, викајќи: Слава на Бога во височините! Веќе не се мугри, туку е пладне на таа Слава: нека изгреат и нашите мугри и нека се вознесат до оние што живеат на небесата.

 

(Избор од беседите и расправите на Митрополит Филарет Московски)