Душата не може да го има мирот ако не се учи во Божјиот законот и дење и ноќе, оти тој закон е напишан со Духот Божји. А Духот Божји од Писмото преминува на душата, и душата од тоа чувствува насладување и пријатност. И повеќе не сака да го љуби земното, затоа што љубовта кон земното ја опустошува душата, и тогаш таа паѓа во униние, и подивува, и не сака да Му се моли на Бога. Непријателот, пак, гледајќи дека душата не е во Бога, ја колеба и слободно го става во умот тоа што сака. И ја гони душата од едни помисли кон други и така душата целиот ден го поминува во неред, и не може во чистота да Го созерцува Господа.

Тој што во себе го носи мирот на Светиот Дух, го излева и на другите. А оној што во себе го носи злиот дух, тој го излева злото и на другите.

Прашање: Како да го сочува мирот старешината, ако неговите луѓе се непослушни?

На старешината му е тешко и мачно ако луѓето не го слушаат, но за да го сочува мирот, тој треба да се сеќава дека дури и ако се непослушни луѓето, Господ сепак ги љуби и пострада за нивното спасение. И треба усрдно да се молиме за нив. И тогаш, на оној кој се моли, Господ ќе му ја даде молитвата. И ти од опит ќе познаеш дека умот на оној кој се моли има смелост и љубов пред Бога. Дури и да си грешен човек, Господ ќе ти даде да ги вкусиш плодовите на молитвата и ако така се навикнеш да се молиш за потчинетите, тогаш во твојата душа ќе владее голем мир и голема љубов.

Прашање: Како може да го сочува душевниот мир оној што е потчинет, ако неговиот старешина е гневлив и зол човек?

Гневливиот човек самиот поднесува големо страдање од злобниот дух. Тоа мачење тој го трпи заради гордоста. Оној кој е потчинет, кој и да е тој, треба да го знае тоа и да се моли за старешината што има болна душа, и тогаш Господ гледајќи го неговото трпение, ќе му даде (на потчинетиот) простување на гревовите и непрестајна молитва. Пред Бога е големо дело ако се молиме за оние што нè навредуваат и нè нажалуваат. Затоа Господ ќе ни ја даде благодатта и ќе Го познаеме преку Светиот Дух. И тогаш со радост ќе ги трпиме сите неволји заради Него и Господ ќе ни даде љубов за сиот свет. И огнено ќе им сакаме добро на сите и за сите ќе се молиме како за својата душа.

Господ ни заповедал да ги љубиме непријателите и оној што ги љуби непријателите Му се уподобува на Господа. Но, да ги љубиме непријателите можеме само по благодатта на Светиот Дух. И затоа, кога некој ќе те навреди, моли Го Бога за него. И тогаш ќе го сочуваш мирот во душата и Божјата благодат. А ако ропташ и го караш својот старешина, тогаш и самиот ќе станеш гневлив како и тој. И тогаш врз тебе ќе се исполнат зборовите на пророкот Давид: „Со светиите постапуваш свето, со лукавите според нивното лукавство.“ (Пс. 17, 25-26).

Така, и на послушникот му е тешко да го сочува мирот ако неговиот старец има тежок карактер. Да се живее кај лош старец е голем крст за послушникот. Тој треба да се моли за старецот, и тогаш ќе го сочува и телесниот и душевниот мир. А ако си ти старешина и треба да му судиш на некого за лошите дела, тогаш моли Му се на Господа за да ти дарува срце кое милува. Такво срце љуби Господ. И тогаш ти ќе постапиш правилно. Но, ако судиш според делата, ќе згрешиш, и нема да му бидеш угоден на Господа.

Треба да судиш така, за човекот да се исправи. И треба да ја сожалуваш секоја душа, сета твар и сето создание Божјо, и самиот во сè да имаш чиста совест. И тогаш во душата и во умот ќе имаш голем мир. Ќе живееш во мир и љубов, и тогаш Господ ќе нè услиши и ќе ни даде сè што е полезно и она што го бараме.

Светиот Дух е во љубовта. Така вели Писмото и така покажува опитот.

Душата не може да има мир, ако со сите сили не бара од Господа да ги сака сите луѓе. Господ знаеше дека ако не ги љубиме непријателите, нема да имаме мир во душата. И затоа ни ја даде заповедта: „Љубете ги вашите непријатели.“ Ако не ги љубиш непријателите, тогаш душата ќе биде спокојна само повремено. Но ако ги љубиме непријателите, тогаш мирот ќе пребива во душата и дење и ноќе.

Чувај го во душата мирот на благодатта на Светиот Дух. Не губи го заради малите нешта. Ако на својот брат му го дадеш мирот, Господ тебе ќе ти даде неспоредливо повеќе. А ако го нажалиш брата си, тогаш и на твојата душа неизбежно ќе пријде неволја.

Ако ти дојде блудна помисла, веднаш избркај ја, и тогаш ќе го сочуваш мирот во твојата душа. Ако ја примиш помислата, тогаш душата ќе ја загуби љубовта спрема Бога и повеќе нема да имаш смелост во молитвата.

Ако ја сечеш својата волја, го победуваш непријателот, и како награда ќе го добиеш душевниот мир. А ако ја спроведуваш својата волја, ќе бидеш победен од непријателот, и униние ќе ја мачи твојата душа.

Кој е среброљубив, тој не може да Го љуби Бога и ближниот. Умот и срцето на таквиот човек се зафатени со богатството и кај него нема дух на покајание, ниту скрушеност заради гревовите. И неговата душа не може да ја знае сладоста на мирот Христов.

Душата што Го позна Господа, секогаш сака Него да Го гледа во себеси, оти Он доаѓа во душата тивко и ѝ го дава мирот, и сведочи за спасението без зборови.

Царевите и владетелите на народите, да ја знаат љубовта Божја, никогаш нема да војуваат. Војната се праќа заради гревовите, а не заради љубовта. Господ нè создаде од љубов и ни заповеда да живееме во љубов и да Го славиме Него.

Ако старешините ги чуваат заповедите Господови, а народот и потчинетите ги слушаат во смирение, тогаш на земјата ќе има голем мир и веселие. Но, заради властољубието и непослушанието на горделивите, страда целата вселена.

Те молам, Милостив Господи, дај му на сиот народ од Адама до крајот на вековите, да Те познае Тебе дека Ти си благ и милостив. Дај им на сите народи да се насладуваат од Твојот мир и да ја гледаат светлината на Твоето Лице. Твојот тивок и кроток поглед ја привлекува душата.

Свети Силуан Атонски