Љубовта спрема човечката слава ја раѓа лагата, а самопонижувањето и смиреноста, го воведува стравот Божји во твоето срце.

Не посакувај да им бидеш пријател на славните од овој свет, па да не се случи токму славата нивна да те осрамоти пред Бога.

Ако некој пред тебе зборува лоши работи за својот брат, за да го понижи и да ја покаже својата злоба, не согласувај се со него, за да не те стигне она што не го посакуваш.

Едноставноста и смиреноста го чистат срцето од лукавство. Кој се однесува лукаво спрема својот брат, него нема да го одмине тагата во неговото срце. Оној што зборува едно, а во срцето свое има друго, сето служење и сите молитви на таквиот се попусти. Не доближувај им се на таквите луѓе, за да не се оскверниш од нечистотијата на нивните отрови. Оди кај оние што не се злобни, за да бидеш учесник во нивната слава и чистота.

Немај злоба спрема ниту еден човек, за да не ги направиш бесплодни твоите трудови. Постапувај искрено со сите луѓе, за да го видиш мирот Божји во себе. Како оној што е каснат од скорпија, па за кусо време неговото тело бидува исполнето со нејзиниот отров, иста таква отровна сила има и злобата во срцето против ближниот. Отровот ја повредува човековата душа и таа умира од него. Па така, кој сака неговите трудови да не пропаднат попусто, нека ја исфрли од себе оваа отровна скорпија, односно лукавството и злобата.

Преподобен Исаија Отшелник