Твоето срце Бог Го создаде единствено за Него да Го љуби, Нему да му служи, да биде како храм.

Затоа и бара да му го предадеш срцето: „Сине мој, дај ми го срцето свое“.

А бидејќи Бог е мир кој го надминува секој ум, неопходно е во срцето кое го сака и Го прима, да завладее мирот.

Само во мирот е живеалиштето Негово – пее царот Давид.

Затоа, труди се што повеќе да воспоставиш мирно настроение во срцето и сите твои дела и подвизи нека бидат упатени кон стекнување на таквиот мир, како што рекол големиот ава Арсениј: „Обрни го сето внимание врз тоа, внатрешното настроение да ти биде во Бога и ќе ги победиш надворешните страсти“.

Мирот на срцето го нарушуваат страстите. Не пуштај ги страстите до срцето и тоа секогаш ќе биде мирно. Оној кој се бори за спасение, стои вооружен пред портата на срцето и одбива сѐ што се обидува да влезе во него и да го вознемири.

Кога ќе се поткрадне некоја страсна вознемиреност до срцето, не втурнувај се кон страста за со неа да се бориш, туку бргу повлечи се во срцето и погрижи се за да го смириш. Штом срцето ќе се смири – борбата е завршена!

Човековиот живот е непрекината борба и непрестајно искушение.

Искушението предизвикува  борба – и ете, војна! Заради тоа мораш секогаш да бидеш буден и да внимаваш по секоја цена срцето да ти биде мирно и спокојно. Кога во душата ќе ти се појави вознемиреност, задушувај ја веднаш, за да не се симнеш од вистинскиот пат под нејзино влијание.

Зашто, срцето човечко е слично на тегот на ѕидниот часовник и крмата на бродот. Ако го олесниш или го оптовариш тегот, веднаш се менува брзината на сите тркалца на часовникот и сказалките веќе не го покажуваат точното време.

Ако ја свртиш надесно или налево крмата, бродот веднаш ја менува насоката. Исто така, штом срцето ќе се вознемири, во целото наше битие настанува неред, па дури и умот го губи правилното расудување. И кога си на молитва, или во кое и да е друго време, неопходно е срцето да се смирува веднаш штом ќе се вознемири, без разлика дали е вознемирено со нешто однадвор или одвнатре.

Знај дека ќе умееш правилно да се молиш кога ќе научиш да си го чуваш својот внатрешен мир. Затоа, труди се тоа да го постигнеш и секое свое дело завршувај го во срдечен мир со задоволство и радост.

Чувањето на срцето треба да биде непрекинат подвиг во текот на целиот твој живот и никако не смееш да дозволиш нешто погрешно да го вознемири. Сите твои дела нека бидат во знакот на таквиот мир и кротост како што е напишано:

„Синко, со кротост врши ги сите свои дела…“ (Сирах. 3, 17), за да се удостоиш на ветувањето на Спасителот: „Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата“ (Мат. 5, 5).

Свети Никодим Агиорит