Денешниов ден е свет и почитуван бидејќи Господ, според зборовите на пророк Давид, на овој ден почнува за нас да ги прима крсните страдања: „Зошто се бунат народите и племињата смислуваат лоши работи? Се креваат земните цареви, а кнезовите се собираат заедно против Господа и Неговиот Помазаник“ (Пс. 2, 1-2). Тие се собрале и свикале злосторнички совет против Својот Владика, на кој лукавиот Јуда се одрекува од Својот Учител и Го продава. Потоа следел предавничкиот целив, врзувањето и водењето на Господа од страна на непријателите на суд. Откако Го испрашувале и Тој одговарал, еден слуга Го удрил по образот, а Тој сето ова долготрпеливо го поднесувал и рекол: „Ако реков лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме удираш?“ (Јован 18, 23). Потоа Го клеветеле и осудувале, па примил исмевање, подигрување, тупаници, удирања со трска по главата, камшикување, заковување на Крст. Распнат на него, Тој се молел за Своите убијци: „Отец прости им, оти не знаат што прават“ (Лука 23, 34). На крајот Му даваат жолчка и оцет – Бесмртниот умира, предавајќи го Својот дух на Бога Отецот, па Му ги прободуваат ребрата. Накратко, такви биле Господовите страдања. И оној кој разумно ги слуша евангелските кажувања за Него, повеќе нема да се гневи, ни да биде огорчен, ниту бесен, ниту горделив, ниту ќе се поставува над братот, ниту ќе завидува, ниту ќе се предава на славољубие, туку на секој начин ќе се труди да биде смирен, да се кае, да се смета за земја и пепел, да сака учество во Христовите страдања, да биде дел од Неговата смрт за да има дел и во славата на Неговото Воскресение.
Ви велам: и вие бидете смели, затоа што веќе земавте учество во страдањата на Владиката. Погледнете каде сте. Нели заради Неговите зборови и поради сведоштвото за Него сте во заточеништво и прогонство? Зарем и порано не сте трпеле заклучување во темнина? Зар не сте пролеале крв поради навреди и исмевања? Зарем некои од нашите браќа не се упокоија храбро преку страдањата? Ете во што е нашата пофалба кон Господа. Ете каков е нашиот дар. Меѓутоа, бидејќи нашата цврстина не е сигурна поради нашата променливост и неможност со сигурност да тврдиме што ќе роди следниот ден, јас ве молам, во Господа да стоите непоколебливо и неизменето, еднодушно и едномислено соподвизувајќи се во евангелската вера, „и во ништо не плашејќи се од противниците“ (Фил. 1, 28), „никако и никому не давајќи повод“ (2 Кор. 6, 3), „туку во сѐ покажувајќи се како Божји слуги“ (2 Кор. 6, 4), односно во послушание, смирение, кроткост, великодушност. „Најнапред ви е потребно трпение, па откако ќе се исполните со Божја волја, да го добиете ветеното; зашто уште малку, сосем малку, па ќе дојде Оној што треба да дојде и нема да задоцни (Евр. 10, 36-37).
Штом ќе дојде и нема да задоцни, зошто да изнемоштуваме „поради неволјите“ и зошто уште пред тоа да не бидеме постојано подготвени, во секој миг и во секој ден да умираме за Господа? Бидејќи, напишано е: „Ако со Него умреме, со Него и ќе оживееме. Ако трпиме, со Него и ќе царуваме; ако се одречеме, и Тој ќе се одрече од нас. Ако не веруваме, Тој останува верен, бидејќи Сам од Себеси не може да се одрече“ (2 Тим. 11-13). Колкава радост ќе имаат светите кога ќе Го видат Господа Кој слегува од Небото со силата на Своите ангели, повикувајќи ги на неискажлива радост, овенчувајќи ги и удостојувајќи ги вечно да живеат со Него. А колку ќе бидат тажни оние кои не поверувале во Евангелието и кои не ги исполнувале Неговите заповеди, односно оние кои, според напишаното, „со вечна погибел ќе бидат казнети од лицето на Господа и од славата на Неговата моќ, кога ќе дојде Он за да биде прославен во оној ден среде Своите светии, и да Му се восхитуваат сите оние што поверуваа“ (2 Сол. 1, 9-10).
Согледувајќи го и размислувајќи за реченото, „да се очистиме од секоја скверност на телото и на духот, па да твориме свети дела и со страв од Бога“ (2 Кор. 7, 1), стремејќи се кон подоброто и брзајќи кон совршеното. „Мразејќи го злото, да се прилепиме кон доброто; едни спрема други да бидеме љубезни, со братска љубов, натпреварувајќи се во почитувањето едни кон други. Во усрдноста да не бидеме мрзливи; духот да ни биде пламен; да Му служиме на Господа; да бидеме радосни во надежта; во маката трпеливи, а во молитвата постојани“ (Рим. 12, 9-12). Живеејќи искрено во таква непорочност, Пасхата што доаѓа ќе ја празнуваме на достоен начин и ќе се удостоиме вечно да ги вкусуваме небесните добра.
Свети Теодор Студит