Св. Јован Златоуст

 

„И не воведувај нè во искушение…“. Спасителот, овде, очигледно укажува на нашата ништожност, ја осудува гордоста и нè учи да не престанеме со подвигот… своеволно никаде да не брзаме, бидејќи со тоа и победата за нас ќе биде поблескава, а и поразот на ѓаволот ќе биде потежок. Ако веќе сме вовлечени во борба, тогаш сме должни и смело да се држиме. А, ако за оваа борба нема никаков повод, тогаш сме должни да бидеме спокојни и да го очекуваме времето на подвигот, покажувајќи во себе храброст и одсуство на славољубивост.

Нечестивиот, слично како и луѓето, ни причинува многу неволји, или со очигледно нанесување на зло или со некоја зломисла. Понекогаш и телото погубно делува на душата. Понекогаш, пак, заради разни болести, ни нанесува маки и страдања. Поради тоа што од сите страни разни и многубројни неволји навалуваат на нас, ние треба да се молиме на Бога за да ни даде избавување од нив. Зашто кога Бог ќе заповеда, тогаш престануваат сите маки, бурата се стишува и лукавиот посрамено се оддалечува исто како во она време кога ги оставил луѓето и преминал во свињите, не осмелувајќи се дури ни тоа да го направи без наредба (Мт. 8, 31). Ако тој нема власт дури ни над свињите, како тогаш може да завладее со луѓето кои Бог будно ги чува?