Навистина, малите нешта му се попотребни на светот од големите дела. Без големото луѓето можат, но без малото, никако. Човештвото ќе загине од недостаток не на големи дела, туку од недостиг на ситни добрини. Великото дело е само покрив, а ѕидовите се градат од циглите на малите добродетели.

Така, Создателот му дал на човекот да ги прави малите, но толку неопходни добри работи, а големите ги оставил за Себе. Преку оној, кој ги извршува малите добрини, Самиот Господ ги твори великите. Нашето „мало“ Самиот Творец го прави големо, зашто нашиот Господ создал сè од ништо, а колку ли повеќе од малото може да создаде нешто големо. И најмалото движење нагоре е од огромно значење. Секоја добрина, дури и најнебитната, е обид за поттикнување на човечкиот застој. За оваа стагнација Спасителот зборува во една многу кратка парабола: „Никој, откако ќе се напие старо вино, нема да побара веднаш ново; бидејќи со сигурност ќе каже: старото е подобро“.

Секој човек е приврзан кон обичното и вообичаеното. Ако човекот е навикнат на злото, тој тоа го смета за нешто нормално, за природна состојба, а доброто му се чини некако неприродно, вознемирувачко, невозможно. Додека, пак, ако човекот е навикнат на доброто, тој тоа го прави не затоа што мора, туку затоа што не може да не го стори тоа, исто како што човекот не може да не дише, а птицата да не лета.

Добриот човек најпрво се укрепува и се утешува самиот себе. И ова воопшто не е себично, како што тврдат некои; тоа е природен резултат од бескорисното добро кое носи врвна духовна радост на секој што го извршува. Вистинското добро секогаш длабоко и чисто го утешува оној што со доброто ја обединува својата душа. Па може ли да не се радуваш кога од мрачното подземје ќе излезеш на сонце и меѓу миризливи цветни полиња! Не треба да се обвинува човекот: „Ти си егоист, ти чувствуваш задоволство од својата добрина“. Не, тоа е единствената несебична радост – радоста од доброто, радоста на Царството Божјо. И преку оваа радост човекот ќе се спаси од злото и ќе живее вечно во Бога.

За човекот кој не доживеал задоволство од направеното добро, тоа му се чини како непотребно измачување…

Архимандрит Јован Кретјанкин