Ако преку молитва сакаш да измолиш некое добро од Бога, пред молитвата подготви се за несомнена, силна вера и навремено набави си средства против сомнежот и неверието. Лошо е, ако за време на молитвата, срцето ти изнемошти и не достои во неа. Тогаш не ни помислувај дека ќе го добиеш она што го просиш од Бога, зашто Бог не ги дава Своите дарови на хулител! Сè – вели Господ – што ќе посакате во молитва со вера, ќе го добиете (Мат. 21:22), така што ако просите неверувајќи или со сомнеж, нема да добиете. Ако имате вера и не се сомневате – уште вели Тој, – тогаш и планини можете да преместувате (спореди со Мат. 21:21).

Значи, ако се посомневате и не поверувате, нема тоа да го сторите. (Секој човек) да проси со вера и никако да не се сомнева – вели апостол Јаков, – оној што се сомнева… Да не мисли дека ќе добие нешто од Господа. Човек што се двоуми во сите свои патишта е нестабилен (Јак. 1:6-8). Срцето што се сомнева дека Бог може да го дарува она што се проси, бива казнето поради сомневањето – тоа болно се измачува и бива глодано од сомнежот.

Не го разгневувај Севладеачкиот Бог ниту со сенка од сомнеж, особено ти, којшто многупати си ја почувствувал врз себе Божјата семоќност. Сомнежот е хула против Бога, дрска лага на срцето или на оној што си свил гнездо во срцето, духот на лагата против Духот на вистината. Плаши се од него како од отровна змија, или не, што зборувам, занемарувај го, не му обрнувај ниту најмалкувнимание.

Сеќавај се дека за време на твојата прозба, Бог очекува потврден одговор на прашањето, кое Тој внатрешно ти го поставува: Веруваш ли дека можам тоа да го направам? Да, треба од длабочината на срцето да одговориш: Верувам, Господи! (спореди со Мат. 9:28) и тогаш ќе ти биде според твојата вера. Нека следново расудување му помогне на твоето сомневање или неверие: Јас просам од Бога: 1) Суштествувачко, а не само вообразено, не мечтаечко, не фантастично добро, а сè што суштествува примило битие (постоење) од Бога, бидејќи без Него не станало ништо од она што станало (Јован 1:3); и следствено, ништо од она што се случува,  не станува без Него, а сè или од Него примило битие (постоење) или по Негова волја или допуштение се случува и се врши со посредство на дадените од Него сили и способности на Неговите твари, и Господ е полновластен Господар во сè што суштествува и се случува.

Освен тоа, Тој го повикува и непостоечкото во постоечко (Рим. 4:17). Значи,дури и да посакам нешто непостоечко, Тој би можел да го создаде и да ми го даде. 2) Просам нешто возможно, а за Бог и нашето невозможно е можно. Следствено и од овој агол, нема пречка, зашто Бог може да направи за мене нешта, кои според моите претстави се невозможни. Нашата беда е во тоа што во верата се замешува кусогледото расудување, тој пајак, кој ја лови вистината со мрежите на судењата, умозаклучоците и аналогиите.

Верата опфаќа и гледа одеднаш, а расудувањето стига до вистината по заобиколени патишта. Верата е средство за општење на дух со дух, а расудувањето е средство за општење на духовно-чувствено со духовно-чувствено и едноставно материјално. Таа е дух, а тоа е плот.

Св. Јован Кронштадски