Самиот Господ, преку устата на пророкот Амос рече дека благородниците и кнезовите се многу далеку од среќата, бидејќи спијат во меки постели, јадат извонредна храна и се забавуваат на секаков начин.
Насладите и задоволствата го прават бессилен дури и најсилниот. Поради нив, некои христијани стануваат толку немоќни, што ако и за еден момент ги видат, веднаш паѓаат во искушение и се подготвени да се предадат без борба. Призивот на христијанинот е призив на воинот.
Ти прашуваш: па, дали е погрешно да се спие спокојно, да се јаде и пие добро, да се оди на веселби и забави? Со овие прашања ти само бараш оправдување за себеси, бидејќи сето ова навистина е допуштено и не е грев, но ти преку нив се подготвуваш за гревот. Сето ова ти пречи кога ќе треба да вкусиш од духовните блага кои произлегуваат од Бога. И, ти ќе пострадаш така како што пострадал Соломон, кој не бил внимателен во своите наслади и поради нив паднал во идолопоклонство.
Бавноста и беспомошноста што се појавуваат во душата како резултат од насладите, го попречуваат повикот и призивот на христијаните.
Нашата цел се состои во тоа да се уподобиме на Исуса Христа, Кој е Возглавител на предодредените, како што нè учи светиот апостол Павле: „Оние, кои ги позна порано, нив и ги определи да бидат слични по образот на Неговиот Син“ (Рим. 8, 29). За да дојде во Својата слава, Христос живеел во немаштија, во тага и во поруга, а сластољубците не сакаат таков начин на живот и затоа не сакаат ни да се покајат. Зарем тие најдоа некое друго евангелие или при нив дојде некој друг Христос Кој им вети слатка и вкусна храна, мир и спокој, разни забави и почит од луѓето? Тие заборавија дека „е тесна вратата и тесен е патот, кој води во живот“ (Мат. 7, 14). Претрпи во овој живот за да не ги чуеш страшните Христови зборови: „Синко, сети се дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив“ (Лука 16, 25).
Бидејќи Бог благоволил да ја создаде твојата душа, за таа да може да биде живеалиште и храм на Него Самиот, сите твои желби и надежи секогаш нека бидат насочени кон невидливите Божји посети. Но знај, дека Бог нема да ја посети твојата душа ако не ја најде собрана самата во себе. Бог сака таа да биде сама, односно да биде колку што може празна од помисли, без никакви желби… и, конечно, без својата волја. Се разбира, последново не значи дека самоволно треба да примениш врз себе строги подвизи и лишувања. Затоа си должен да имаш духовен отец, кој ќе те ракводи како Божји намесник.
Ако на ваков начин му ја претставиш на Бога својата душа, ќе видиш какви прекрасни дејствија ќе благоволи да произведе во неа. Главното е дека Бог ќе те осени со Својот мир, кој со себе носи и други дарови.
Св. Никодим Светогорец