Човек кој верува во Бога е нешто големо. Тој е побогат од секое богатство. За оној кој верува, целиот свет е богатство, оти го презира и гази богатството. Кои се богатат во видливото и кои печалат многу тие се душевно бедни, зашто колку повеќе собираат толку повеќе се разјадуваат од желби за тоа што не го постигнале. Човекот, пак, на верата е богат и во сиромаштија, зашто знае дека е неопходно да има само храна и облекло (1. Тим. 6, 8) и, останувајќи задоволен од тоа, го надминува богатството. Достоинството на верата е големо за нас кои го носиме името Христово и сѐ што се твори во светот, дури и од оние кои се туѓи на Црквата, за нас е творење со вера. Со вера, законите на сопружништвото се поврзуваат во единство помеѓу оддалечени луѓе. Според верата, во своите брачни задолженија, туѓиот човек постанува учесник во владеењето на слуги и имоти кои припаѓаат на другиот. Со вера се крепи и земјоделието. Кој не верува дека ќе добие плод, тој не може да се труди над ралото. Со вера луѓето се пуштаат по море, доверувајќи се на ништожно дрво препуштено на каприциозните бранови, притоа потхранувајќи непознати надежи за својата иднина. Верата за нив е понадежна од секоја котва. Од таа причина, поголемиот дел од човечките дела се крепат на верата. Во тоа сме уверени не само ние, но и оние кои не се од Црквата.
Речено е, дека „без вера не е можно да Му се угоди на Бога“ (Евр. 11, 6). Ќе се осмели ли човек да Му служи на Бога ако не верува дека Тој постои и дека Тој наградува за сѐ? Ќе го пази ли девојката девството и момчето целомудрието, ако тие не веруваат дека за непорочноста им следува неовенлив венец? Верата е око што ја просветува секоја совест и што дава познание. За неа пророкот вели: „Ако не верувате, нема да се додржите“ (Иса. 7, 9). Верата ја затвора устата на лавовите (Евр. 11, 33). Писмото вели за Даниила: „Го извадија Даниила од јамата, и никаква повреда не се забележа на него, оти тој веруваше во својот Бог“ (Дан. 6, 23). Има ли нешто пострашно од ѓаволот? Но против него и немаме друго оружје освен верата, тој нематеријален штит против невидливиот непријател. Ѓаволот упатува кон нас стрели за да нѐ погоди кога сме во мрак и во нетрезвеност. Затоа, да не ги заборавиме зборовите на апостолот: „А над сѐ, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги угаснете сите вжештени стрели на лукавиот“ (Ефес. 6, 16). Ѓаволот често ја фрла вжештената стрела на похотта за срамни телесни задоволства, но верата, напомнувајќи за судот и изладувајќи го умот, ја изгаснува таа стрела. Пазете се со побожност, некој да не се занемари и да не стане плен на непријателот, или пак некој еретик да не го изопачи тоа што ви е предадено – зашто верата е талант кој ние сме го придобиле и залог за кој Бог ќе сака отчет од секого.
Св. Кирил Ерусалимски