За верникот не постои ништо невозможно; живата, непоколебива вера е способна во еден момент да направи чуда. И покрај сѐ, и без нашата искрена и цврста вера, се случуваат чуда, какви што се Светите Тајни, бидејќи тајната Божја секогаш се извршува, дури и кога ние сме маловерни или неверни.
„Па што, ако некои не поверувале? Зар нивната невера ќе ја уништи Божјата верност?“ (Рим. 3, 3). Исто така, ниту нашата злоба ќе ја надвладее неискажливата Божја добрина и милосрдие, ниту нашата глупост – Божјата премудрост, ниту пак нашата немоќ – Божјата семоќност.
Колку ли само има христијани кои велат: „Верувам во Бога“, а преку делата не веруваат! Колку ли само има усни кои занемуваат, кога во друштво треба да се одбрани славата Божја и славата на Неговите светии. На нив хулат синовите на овој век, а тие пред нив остануваат неми? Други молчат, кога би требало да го поддржат разговорот за Бога или кога би требало да се спречи некоја непријатност или дрскост.
Мнозина велат: „Верувам во Бога“, а потоа, кога ќе им се случи некоја несреќа, предизвик или искушение, тие стануваат малодушни, очајуваат, а понекогаш и негодуваат. Каде се изгубила целата таа нивна вера? Тогаш би требало да се покаже предаденост кон Божјата волја и да се рече: „Господ даде, Господ зеде. Како благоволеше Господ, така и се случи. Нека е благословено името Господово!“ Очигледно е дека тие во Бога веруваат само кога се среќни, а кога стануваат несреќни, тогаш и Го отфрлаат.
Свети Јован Кронштадски