Прекрасна е состојбата на душата која блеска, кога е обземена од благодатта Божја, како што огнот го обзема железото. Секој посакува да ја достигне откако ќе слушне за таквата состојба. Претпоставувам дека и вие ја имате таа желба. Иако таквата желба покажува дека душата знае да го избере она што е добро, сепак, таа не го искажува сето она се бара во таквиот случај. Можно е човек наеднаш да тргне и да застане и од желбата да не биде ништо. Не, овде не е потребна само желбата, туку и здравиот поглед на работите и решителноста – тврда и непоколеблива, но потребна е и свеста за видот и количината на трудот, за тоа какви сѐ препреки и непријатности ни претстојат, а и јуначка ревност за на нив да им се спротивставиме.

Да бараме благодатта Божја да го проникне сиот наш живот е исто што и да го бараме Царството Божјо, или да ревнуваме за спасението на душата, или да го сакаме и да го избереме она што е единствено потребно. Различни се називите, но делото е едно… Човекот сака да биде во рајот, но нема секогаш доволно цврста волја за да се потруди околу тоа. Сакам да кажам дека не треба само да се посака, туку треба да се донесе и цврста одлука за посакуваното да премине во дело. За да ви појаснам, ќе раскажам како обично желбите доведуваат до решителност.

Има многу нешта за кои размислуваме и што ги планираме. Кога размислуваме, мислиме и – забораваме. Тоа значи дека душата не се врзала за нив, затоа тие и паднале во заборав. Се памети само она за што душата ќе се приврзе. Штом душата се врзува, значи дека предметот ѝ се допаѓа. Значи, предметот ни се допадна, пријатно ни е да размислуваме за него… Но, можно е тоа да не ја поттикне желбата за намерата да премине во дело… За желбата да биде исполнета, потребно е да се претвори во непоколеблива намера или решителност, потребно е душата вака да каже во себеси: ќе го направам тоа дело по секоја цена. Штом овие зборови ќе бидат изговорени во душата, веднаш започнува и размислување за тоа како одлуката да се спроведе на дело: се смислуваат начините, се бараат погодните околности на времето и местото, се предвидуваат можните препреки, и се преземаат мерките за нивно отстранување. Откако сето тоа ќе се случи во душата, таа е сосема спремна за дејство. Останува уште да се почне со делото. Ќе помислите: па што е тука тешко кога е веќе сѐ подготвено? Меѓутоа, тоа е најтешкиот чекор. До моментот на донесувањето на одлуката сѐ се одвиваше во нас, а сега нашето внатрешно, умно дејствување, треба да влезе во текот на случувањата и да се одвива напоредно со другите дела. Направи само прв чекор, а тогаш веќе самите околности во коишто е започнато делото ќе се одвиваат во духот во којшто тоа е започнато.

Свети Теофан Затворник