Христовата првосвештеничка молитва: „За да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил“ (Јован 17, 21), треба да биде основа, содржина и цел на православниот духовен подвиг и нашиот лично-соборен живот, во Црквата. Ако за ова благодатно единство, во коешто секоја одделна личност единствено може да ја достигне својата совршена полнота, Богочовекот Христос го жртвуваше Својот живот, тогаш јасно ни е кому не му одговара истото и кој се бори против ова единство. Целта на демонот е да го растури ова единство. Секако, и црковното единство не е идол – цел сама по себе, тоа се остварува само таму каде што има и православна вера.

Така, сите поделби и нивната злоупотреба во овој свет се последица на Адамовиот пад. Луѓето се делат на раси, на нации, на партии, на семејства, на индивидуи – внатре во семејството, а да не говориме за сите поделби, внатре во постоечките поделби – психички, економски, клупски, родови и што ти ли не. Една од клучните поделби е верската; а и тука има внатрешни поделби. Значи, бескрајни ситнења создавани, а посебно – злоупотребувани, преку демонски поттик. Но, главна основа на сите овие поделби е поделбата,односно расколот, помеѓу примарната функција на нашиот паднат ум  – односот со Бог, и неговата секундарна функција – односот со овој создаден свет. Примарната функција на умот треба да го овозможи очистувањето и преобразувањето нанеговата енергија – преку Божјата несоздадена енергија, така што тој и во својата секундарна функција – како разум, да ја користи правилно својата енергија, односно да ги извршува Божјите заповеди. Ваквото правилно функционирање на разумот, од друга страна, му осигурува и овозможува преобразено и собрано функционирање на умот во молитвениот однос со Бог. Но, за жал, луѓето го презаситуваат разумот од комуникацијата со овој свет–во самољубиви цели, а крајно ја запоставуваат примарната функија на умот – молитвената заедница со Бог во срцето, и остануваат непреобразени, т.е. заробени во комуникацијата со создаденото. Отворањето на срцето за дарот на умно-срдечната молитва е знак на слобода од ограничувањата на создаденоста.

Штом човек остане заробен од создадениот свет, тој е принуден и својата сигурност да ја заснова на него, а не на Бог. Од така заснованата сигурност произлегуваат сите останати поделби понатаму – човек се чувствува сигурен како припадник на одредена држава, или нација, или партија, или други разни видови групирање, а загрозен од други такви групирања. Нормално, тука е секогаш и демонот сите овие поделби да ги потхранува, засилува и злоупотребува во свои цели, па сѐ до самите војни и конечно поробување и уништување на човекот;пред сѐ, на Божјиот лик во него. Бог и Отецот Го испрати Својот Единороден Син – Богочовекот Исус Христос, Кој дојде во овој свет за да ги исцели овие поделби, но не во смисла да ги поништи, туку да ги восогласи и да ги стави во функција на спасението на сите, во Своето Тело – Црквата, по благодатта на Светиот Дух Господ. Првиот чекор на ова исцеление треба да почне од нашиот паднат ум, со негово ставање во процес на исцеление преку послушание кон духовниот отец, кон Епископот на Црквата, кон Црквата, кон Бог.

За таа цел, не само што постои совршен ред и хармонија во православниот духовен подвиг, туку и во административното организирање на самата Црква, кое пак, произлегува од Нејзината Света Литургија. Епископот е глава на евхаристиското собрание, околу него се собираат сите останати членови – презвитери, ѓакони и верен народ, и тој раководи со тој собор; по ист принцип е организирано и административното работење на локалната Црква во овој свет. Се подразбира дека тука треба да постои одреден ред и ерархиска подреденост како и во Светата Литургија; и се подразбира дека тој ред се заснова на послушност согласно самата ерархиска позиција на секого – Епископот е послушен на Бог, а локалната Црква на Епископот. Целта на ова срдечно послушание е постојано растење низ степените на духовниот развој: очистување на нашето срце од страстите, просветлување на умот – како плод на умно-срдечната молитва, и обожение. На план на она што ние најчесто го нарекуваме љубов, исто така, постои растење согласно степените: првото ниво е еросот – каде што сакањето е повеќе душевно и телесно отколку духовно, второто ниво е пријателството – каде што сакањето е повеќе духовно отколку душевно и телесно, и третото ниво е вистинската љубов. Како што растеме во љубовта така се намалува и потребата од самата ерархиска подреденост и послушност, затоа што луѓето стекнуваат Христов ум и лесно се разбираат меѓусебно и за сите важни работи исто мислат. Колку што љубовта изостанува, толку е потребна ерархиската поставеност и спроведување на власт и послушание за да се одржи една организација која треба да функционира во овој свет.

Бидејќи сите Епископи се еднакви по власт, Црквата – за да се сочува побожниот поредок, одредила првенство по чест меѓу нив. Ова првенство по чест во една Помесна црква го има нејзиниот Поглавар, а во рамките на православниот свет ова првенство по чест го има Вселенскиот Патријарх. Ова првенство на чест со својот надворешен, а пред сѐ, со својот внатрешен авторитет го обезбедува севкупното црковно единство, како и внатрешниот литургиски ред и поредок внатре во него. Никој нема власт над Епископот на локалната Црква – бидејќи тој би престанал да биде на место и во обличје Христово, а оној што би спроведувал власт над Епископот – би паднал во ерес, ниту некоја Помесна црква има власт, без оглед дали е груба или манипулативна и суптилна, над друга Помесна црква – тоа, исто така, би било ерес во пракса. Единствено нешто што некои го толкуваат како практикување на власт над Епископот на Локалната црква, како и над Помесната црква, е правото на апелација. Но, правото на апелација не е право на власт, туку тераписко право; право да се исцелуваат неправедно нанесените рани во Црквата; во случај дури и ова право да се злоупотреби, тоа повторно ги нема сите атрибути на одземање на власта од Епископот, а никако, пак, од Помесната црква.

Нема да го објаснувам правото на апелација од аспект на Светите канони на Црквата, иако лично мислам, а на исто мислење е и Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Јустинијана Прима (бидејќи донесовме одлука и побаравме право на апелација од Вселенската Патријаршија), дека Каноните ова право го покриваат. И не целото свето Предание е запишано во Светото Писмо или во Каноните, ниту може; затоа е и Предание. И Црквата не е фирма или банка, па само со правни средства и со правен јазик да ги браниме нејзините интереси, плашејќи се да не ги изгубиме акциите, така што средствата и јазикот што ги користиме треба да придонесуваат за духовно исцелување на раните и за спасение на сите. Црквата е Тело Христово на Кое секоја рана треба да се исцели, а не да загнојува и да се влошува – додека траат бескрајните правни процедури. Ќе се обидам да го објаснам правото на апелација на Вселенската Патријаршија од аспект на практичниот живот на Црквата.

Знаеме сите од лично искуство, посебно ние – Епископите на нашата Помесна црква, колку религиозни социопати заземаат високи позиции во Црквата. Ако таквите ги оставиш без контрола, којзнае какво и колку долго можат да нанесат зло во Црквата; на пример, таквите не признаваат или признаваат многубројни, по луѓе, Помесни цркви – како им одговара политички, придонесуваат за создавање расколи, малтретираат свештенство и народ во својата локална Црква, малтретираат цела Помесна црква и многу други работи кои не се ни за спомнување. Затоа, практичниот живот на Црквата придонел да се појави правото на апелација. Ако некој се смета онеправдан од Епископот на локалната Црква, да може да се повика на заштита на своите права пред Светиот Синод на Помесната црква, па дури и на Вселенската Патријаршија; а ако некоја Помесна црква се смета онеправдана од друга Помесна или ако една Помесна црква долги години е во раскол, а ја задржала, за тоа време, контролата над својата ерархија, верници и имоти, и се подразбира – ако ја сочувала православната вера, и уште ако е евидентно дека не сите Помесни цркви го делат мислењето на Помесната црква која прогласила раскол– а не се баш грижи да го исцели, тогаш таа Помесна црква може да побара, преку инструментот апелација, решавање на нејзиниот случај пред Вселенската Патријаршија. Треба да освестиме дека, ако право на апелација има Синодот на Помесната црква во однос на Епископот на локалната Црква, тогаш тоа право го има и самата Вселенска Патријаршија – практичниот живот на Црквата тоа го докажал. Ако го негираш правото на апелација на Вселенската Патријаршија, тогаш како го оправдуваш истото право на Помесната црква. Секој нормален треба да има теолошка доследност во ставовите; не некогаш да тврдиш едно, сега друго, а потоа нешто трето; на пример, еднаш велиш дека имаш автокефалност и не ти треба никој да ти ја признае, сега дека ти е доволна автокефалноста што ти ја доделила Пеќската Патријаршија – инаку, твоја рожба, а утре којзнае што ќе прифатиш и тврдиш. Патем речено, и по двата дискутирани критериуми на предсоборските средби во Крит, суштински за една автокефалност е да биде признаена од сите Помесни цркви, а дали ќе потпише само Вселенскиот Патријарх, а другите ќе бидат сопотписници, или заедно сите ќе се потпишеле– тоа не е битно, битно е дека, такво целосно признание нашата Помесна Црква нема. Да се вратиме уште малку на темата доследност. Исто така, не можеш да тврдиш дека Вселенскиот не е Вселенски Патријарх, а на пример, за Српскиот, Бугарскиот и Рускиот да тврдиш дека се Српски, Бугарски и Руски Патријарси. Или сите се или никој не е. Титулата им е токму таква поради првенството по чест, а не по власт.

Да се вратиме сега, уште малку, на нашата главна тема – апелација. Би сакал да додадам дека правото на апелација што го има Вселенската Патријаршија е дури и многу помало од истото право што го има и практикува Помесната црква. Вселенската Патријаршија никаква власт, и да сака, не може да спроведе на територијата што ја држи друга Помесна црква, додека Синодот на Помесната црква си дозволува и такво право над Епископот на локалната Црква. За паметните доволно. Токму затоа е многу безбожен обидот ова првенство по чест – со неговата регулаторна, а не функција на власт (да го предводи Литургиското Собрание, да свика Собор, да исцелува преку апелација, да обезбедува единство), да се сака да се изместиво кои било рамки, дали во рамки на Помесната или во рамки на Универзалната Црква. Кога навистина би се изместило, тогаш сигурно сѐ би се изместило и видливото единство на Првославната Црква би се растурило; очигледно е дека и при обичен обид да се измести, како сега, тоа единство многу се расклатува. Значи, потребно е да не паѓаме на евтини пропаганди, а да се исцелуваме од настрани комплекси и синдроми, фобии и индивидуални проекции. Внатрешните проблеми покажуваат незрелост на црковното лидерството; надворешниот прогон врз Црквата е знак на зрелост.

И, да се вратиме на почетокот: ако знаеме каква е Христовата Првосвештеничка молитва за нас и каква жртва мораше да направи за да ја оствари оваа молитва, тогаш многу добро треба да внимаваме кому служиме, за да не станеме и богоборци. Настрана што светот не го добива од нас потребното сведоштво за Христос, нашиот Господ. Добро знаеме сите дека проблемот се состои во тоа што немаме внатрешно духовно покритие за епископската служба што ја вршиме – што значи, барем просветленост на умот, а наместо тоа, болни сме од поистоветување со овосветските форми на човечко организирање – држава и нација, како и со нивните интереси и цели; наместо да имаме само пастирски однос кон истите. И дека нашите несогласувања произлегуваат од меѓусебната борба за човечка власт и слава. На сите ни треба покајание и смирение. Затоа, како што вели Архангелот: да стоиме во добро, да стоиме со страв Божји!

Ние ги љубиме и Вселенската Патријаршија и Московската Патријаршија, едната како Мајка Црква, другата како Сестра Црква, и таа љубов нема да се промени, без оглед дали тие ја прифатиле нашата љубов или не. На Православната Црква ѝ требаат и тие две и сите останати Помесни Цркви, и ние постојано Го молиме Бог да ја сочува полнотата на Својата Црква.

Митрополит Струмички г. Наум