Старците кажуваа: некогаш во Скитот биле дадени малку смокви и од нив, како безвредни, не му испратиле на ава Арсениј, за да не го прими тоа како навреда. Кога старецот слушнал, не отишол во општото собрание на молитва, велејќи: вие ме одделивте, за да не ми дадете од благословот што Бог го испратил на браќата и којшто не бев достоен да го добијам. Сите го слушнале тоа и добиле полза од смирението на старецот. По ова, презвитерот отишол и му однел од смоквите и со радост го довел во општото собрание на молитва.

Раскажуваа за оксиринхскиот епископ, по име Апфиј: кога тој бил монах, водел строг живот, кога станал епископ, сакал да има иста таква строгост и во светот, но не можел. И се пожалил на Бога, велејќи: зар поради епископството од мене отстапи благодатта? И му било откриено: не! Но тогаш ти беше во пустина, и бидејќи таму немаше ниту еден човек, затоа Бог ти помагаше, а сега си во светот, и луѓето ти помагаат.

Ава Исаија рекол: кога служиш Литургии, ако ги твориш како недостоен – во смиреномудреност, тогаш тие се угодни на Бога. Но, ако во твоето срце навлезе некоја горда помисла и остане таму или, пак, си спомнеш за некој друг, којшто е дремлив и безгрижен, па го осудиш, тогаш знај дека твојот труд е залуден.