Твоите соништа се мечтаења, што го водат во прелест оној којшто не се пази од нив. Не верувај им на никакви соништа и нека те покрива милоста Божја.
Демоните ги користат соништата за вознемирување и повредување на човечките души. Исто така, и неискусните монаси, обрнувајќи внимание на своите соништа, си нанесуваат штета на себеси. Затоа, неопходно е да го одредиме значењето на соништата во човекот чија природа сè уште не е обновена со Светиот Дух.
За време на сонот, Бог така ја устроил човечката состојба, што сиот човек во целосност се одмара. Тој одмор е толку потполн, што за време на сонот човекот ја губи свеста за своето постоење и достигнува до состојба на самозаборав. За време на сонот се прекинува секоја активност која е поврзана со напор и која се одвива свесно. Под раководство на разумот и волјата, се продолжува само онаа активност која е неопходна за човековото постоење и не може да се одвои од него. Во телото крвта продолжува да се движи, желудникот ја вари храната, градите функционираат преку дишењето, кожата ги пропушта испарувањата; во душата продолжуваат да се умножуваат мислите, мечтаењата и чувствата, но не во зависност од разумот и волјата, туку по несвесното делување на природата. Таквите мечтаења, проследени со карактеристични мисли и чувства, го сочинуваат сновидението (сонот). Тоа честопати е чудно затоа што не му припаѓа на системот на човековите доброволни и намерни мечтаења и размислувања, туку се јавува спонтано и независно, по законот и барањето на природата. Понекогаш, сновидението во себе носи несвесен одраз на доброволните размислувања и мечтаења, а понекогаш претставува последица на духовното расположение. На тој начин, сновидението, само по себе, не може и не треба да има никакво значење. Смешна и сосема нелогична е желбата на некои луѓе во привиденијата на своите соништа да го видат претскажувањето за сопствената иднина или за иднината на другите луѓе или, пак, да им придадат какво било друго значење.
Демоните, коишто имаат пристап до нашите души во будна состојба, тоа го имаат и за време на сонот. И за време на сонот тие нè искушуваат со гревот, придавајќи ги кон нашето мечтаење и своите мечтаења. Исто така, кога ќе видат дека обрнуваме внимание на соништата, тие се трудат да ги направат позанимливи, а во нас да поттикнат уште поголемо внимание кон тие сновиденија, па така малку по малку да ја разбудат нашата доверба во однос на нив. Таквата доверба секогаш е поврзана со умисленост и суета, а умисленоста и суетата го прават лажен нашиот духовен поглед врз себеси, со што и нашето расудување и делување го лишуваат од правилност: тоа е токму она што им е потребно на демоните. На оние кои отишле далеку во својата умисленост и гордост, демоните почнуваат да им се јавуваат во лик на ангел на светлината, во ликови на маченици и преподобни, па дури и во ликот на Мајката Божја и на Самиот Христос, фалејќи го нивниот живот и ветувајќи им небесни венци, со што ги искачуваат на голема висина на умисленост и гордост. Таквата висина е воедно и погибелна пропаст. Треба добро да знаеме дека во нашата падната состојба, која сè уште не е обновена со Божјата благодат, ние не сме способни да гледаме други сновиденија освен оние кои ги создаваат душевните сеништа и демонските клевети. Како што и во будна состојба во нас постојано и без прекин се јавуваат помисли и мечти предизвикани од нашата падната природа или од демоните, така и за време на сонот ние ги гледаме само оние мечтаења кои настануваат под дејство на нашата падната природа или под дејство на демоните. И како што нашата утеха во будна состојба се состои од умилението кое се раѓа од свеста за сопствените гревови, од сеќавањето на смртта и на судот Божји – само што тие помисли се јавуваат од благодатта Божја која живее во нас, засадена со Светото Крштение и ангелите Божји ги донесуваат согласно со нашето покајничко расположение – така и во сонот, многу ретко, само во случај на крајна потреба, ангелите Божји ни го прикажуваат или нашиот крај, или маките во пеколот, или страшниот посмртен и задгробен суд. Од таквите сновиденија ние достигнуваме до страв Божји, до умиление и плач поради себеси. Но, таквите сновиденија се даваат многу ретко на подвижниците или дури и на јавен и голем грешник, по особена и несфатлива Божја промисла; се даваат многу ретко не поради скржавоста на Божествената благодат – не! – туку поради тоа што, сè што ни се случува надвор од вообичаеното устројство нè доведува до умисленост и гордост и во нас го колеба смирението кое ни е толку потребно за нашето спасение. Волјата Божја, во чие исполнување и се состои човековото спасение, во Светото Писмо ни е претставена толку јасно, толку силно и толку детално, што секое содејство преку нарушување на општото устројство е сосема излишно и непотребно. На оној кој молеше да биде воскреснат мртовецот и да биде испратен кај неговите браќа за да ги посоветува да прејдат од широкиот на тесниот пат, му е речено: „Тие ги имаат Мојсеја и Пророците, нив нека ги слушаат“. Кога молителот приговорил: „Не… туку, ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат…“ – го добил следниот одговор: „Штом Мојсеја и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат.“ (Лк. 16, 27-31). Искуството покажало дека мнозина од оние кои во сонот се удостоиле да ги видат митарствата, Страшниот суд и другите задгробни ужаси, за кусо време биле потресени од видението, а потоа повторно се расејувале, заборавале на виденото и почнувале да водат немарен живот; напротив, оние кои немале никакви виденија, туку внимателно се поучувале во законот Божји, постепено доаѓале до страв Божји, постигнувале духовен напредок и во радоста која ја раѓа веста за спасението, преминале од овоземната долина на тагата во блажената вечност.
За учеството на демоните во монашките сновиденија, свети Јован Лествичник расудува на следниов начин: „Кога ние, оставајќи ги заради Господа својот дом и своите роднини, се предаваме на странствување од љубов кон Бога, демоните се обидуваат да нè вознемират со сновиденија, претставувајќи ни ги роднините како тагуваат, или како умираат, или како заради нас трпат искушенија. Поради тоа, оној кој им верува на соништата личи на човек кој трча по својата сенка, настојувајќи да ја фати“.
Демоните на суетата во сонот стануваат пророци. Во својата препреденст и лукавост, по извесни знаци, тие заклучуваат што ќе се случи, па ни јавуваат однапред за да ние се воодушевуваме кога виденијата на сон ќе се исполнат во јаве и за да почнеме да мислиме високо за себеси – како веќе да сме блиску до дарот на прозорливост. Таквиот човек честопати станува пророк во очите на оние кои им веруваат на демоните. За оние, пак, кои ги презираат демоните, тој е секогаш лажец. Бидејќи е дух, демонот гледа што се случува во воздушниот простор. Забележувајќи дека некој, на пример умира, тој на лековерните им претскажува во сон за настанот. Меѓутоа, демоните ништо не знаат за иднината по предзнаење. Впрочем, и лекарите се во состојба да ни ја претскажат смртта!
Честопати, демоните се преобразуваат во ангели на светлината и земаат на себе лик на маченици, па во сонот ни прикажуваат како им приоѓаме. Кога ќе се разбудиме, тие нè исполнуваат со радост и гордост. Тоа нека ти послужи како знак за измама. Зашто ангелите, кога ќе се јават, ги прикажуваат вечните маки, Страшниот суд и изгонувањето од Царството Божјо. Оние кои се пробудиле од таков сон ги исполнуваат со трепет и скрушеност.
Ако почнеме да им се покоруваме во сонот, демоните и во будна состојба ќе нè исмејуваат. Човекот кој им верува на соништата, потполно е неискусен. Мудар е, пак, оној кој воопшто не им верува. Верувај им само на оние сновиденија кои ти ги објавуваат вечните маки и Страшниот Суд. Но, ако те доведуваат до очајание, тогаш и тие се од демоните.
Преподобен Касијан Римјанин раскажува за некој монах, со потекло од Месопотамија, кој водел сосема осаменички и испоснички живот, но загинал поради измама од демонски сновиденија. Гледајќи дека монахот сосема малку внимание обрнува на своето духовно усовршување и дека сиот се предал на телесниот подвиг, па вредноста ја препишувал на тој подвиг, односно на самиот себеси, демоните почнале да му прикажуваат соништа кои, по нивното лукавство, се остварувале на дело. Кога монахот се утврдил во довербата кон своите соништа и кон себеси, ѓаволот во величенствено сновидение му ги претставил Евреите како се насладуваат со небеските блаженства, а христијаните како страдаат во пеколните маки. Притоа демонот, се разбира во лик на ангел или на некој од старозаветните праведници, му дал на монахот совет да го прими јудаизмот како би добил можност да учествува во блаженството на Евреите што, пак, монахот го исполнил без и најмалку премислување.
Ова што го кажавме е доволно за објаснување на нашите возљубени браќа, колку е неразумно да им се верува на соништата и каква страшна штета може да настане од таквото верување. Кога им обрнуваме внимание на соништата, во душата незабележително се вовлекува и довербата во нив, па затоа, и самото обрнување внимание на соништата е строго забрането.
Природата, која е обновена со Светиот Дух, се раководи по сосема поинакви закони од онаа природа која е падната и утврдена во својот пад. Со обновениот човек раководи Светиот Дух. „Ги озари благодатта на Божествениот Дух – како што вели преподобниот Макариј Египетски – и се смести во длабочината на нивниот ум: на таквите Господ им е како душа“. И во будна состојба и во сон, тие пребиваат во Господа, настрана од гревот, надвор од земните и телесни помисли и мечтаења. Нивните помисли и мечти, кои за време на сонот не се наоѓаат под раководство на човечкиот разум и волја и кои кај другите луѓе дејствуваат несвесно по барањата на природата, во нив делуваат под водство на Духот, па сновиденијата на таквите луѓе имаат духовно значење. Така и праведниот Јосиф во сон беше научен на тајната на воплотувањето на Бога Логосот; во сон му беше заповедано да се засолни во Египет и потоа да се врати оттаму (Мт. гл. 1 и 2). Сновиденијата кои ги испраќа Бог, во себе поседуваат непоколеблива убедливост. Таа убедливост им е разбирлива и сфатлива на Божјите светии, а недостижна е за оние кои сè уште се наоѓаат во борба со страстите.
Кога ќе легнеш во постела треба да се сеќаваш на смртта, чија слика е привремениот сон, и одрекувајќи се од сите помисли и мечтаења, да заспиеш со Исусовата молитва на усните.
Свети Игнатиј Брјанчанинов