Кога во длабочината на душата ќе се почувствува стравот Божји, тогаш тој обично ја истерува и проголтува сета нејзина нечистотија. Приковај го, вели, телото мое за стравот Твој! (Пс. 118, 120). А светата љубов некои ги проголтува подолго, според оној кој рече: Го плени срцето мое (Песна над песните 4, 9), а други ги прави озарени и радосни, на што се однесуваат зборовите: на Него се надева срцето мое, и ми помогна, и процвета телото мое (Пс. 27, 7).

Кога е весело срцето, на човекот му засветлува и лицето. Кога целиот човек е така проникнат со љубовта Божја, тогаш однадвор на неговото тело, како на некое огледало, се забележува сјајот на неговата душа. Така се прослави Мојсеј, Боговидецот (2. Мојс. 34, 28-35). Оние кои достигнале таков рамноангелски степен, често забораваат на телесната храна, а сметам дека тие најчесто не чувствуваат потреба за неа. Не е ни чудо: затоа што и луѓето кои ги измачува телесната желба, често одбиваат да јадат. Сметам дека ни телото на овие бесмртници повеќе не е подложно на болести (спротивно на сите природни закони). Бидејќи, телото нивно, очистено на одреден начин, со дејството на пламенот на чистотата кој во нив го пресекол пламенот на страстите, е направено негнилежно. Мислам, дека и она што го јадат, го јадат без никаква наслада, бидејќи како што подземната вода го напојува коренот на билките, така и небесниот оган ја храни душата на овие свети луѓе.

Со зголемувањето на стравот Божји, во човекот се јавува љубовта. А врвната чистота е основен услов за знаење на Бога. Оној кој своите чувства совршено ги соединил со Бога, него Самиот Бог на таинствен начин го воведува во Своите вистини, бидејќи сѐ додека не дојде до соединување на сите наши чувства со Бога, тешко е да се зборува за Него. Словото Божјо, соединувајќи се со човекот ја усовршува чистотата и со Своето доаѓање ја умртвува смртта. А кога ќе биде умртвена смртта, ученикот на вистинското богословие станува озарен од Бога. Словото Божјо, Словото кое доаѓа од Бога, чистиот Негов Збор, пребива во сите векови. Кој не го познал Бога, за Него говори со негодување. Чистотата, пак, својот ученик го прави богослов, кој самиот во себе ги утврдил догматите за Пресвета Троица.

Св. Јован Лествичник