Ве молам браќа, Божјата благодат во себе да ја чуваме од намалување. Целосно предавајќи се на послушанието и на исполнувањето на светите заповеди, на дело да Му се принесеме на Бога, зашто и Тој Себеси се предаде за нас. Самиот Отец, заради нас Го даде Својот единствен Син, а Самиот Божји Син ни се предаде нам. Зар ние од своја страна, нема да се потрудиме, па да се дадеме себеси?

На кој начин ќе Му се дадеме на Христос, Кој Самиот се предаде за нас? Најпрво, ако во себе ја втемелиме љубовта кон Него и љубовта едни кон други, ако заради Него, пред самите себе и пред другите се смириме под силната Божја рака, „не мислејќи гордо, туку смирено однесувајќи се“ (Рим. 12, 16). Ако, колку што е можно, го распнеме телото „со страстите и желбите“ (Гал. 5, 24), ако умреме за гревот и живееме во добродетелта.

На ова нѐ учи самото распнато Тело Христово, кое ни се нуди како храна; хранејќи се со Него, истовремено се учиме да учествуваме во Неговите добродетели и страдања, за вечно да живееме и да царуваме со Него. А токму тоа Тој го предобјави преку пророкот Давид, велејќи: „Жртвата ќе Ме прослави, и таму е патот со кој ќе му го покажам Божјото спасение“, бидејќи како спомен на она што Тој го направи за нас се извршува оваа Жртва, за Негова пофалба и слава.

И како што самите Тело и Крв Христови вистински лежат пред нас, така и крвта му зборува на Бога и Отецот, далеку посилно од крвта на Авел, бидејќи таа плачеше пред Бога против својот брат, а оваа, пак, липа за нас, бидејќи Господ премногу нѐ удостои станувајќи наш брат, смилувајќи ни се нам, помирувајќи нѐ со највозвишениот Отец; таа зборува за нас, јасно ни го покажува патот на љубовта, зашто и Тој Самиот поради љубовта кон нас се понизи Себеси и Својата душа ја положи за нас, покажувајќи ни го патот на смирението (Иса. 53, 7-8), укажувајќи ни на патот на послушанието. Зашто Тој Му беше послушен на Отецот, и тоа до крстот и смртта. Тој ни го покажа патот, кој преку умртвувањето на страстите води во вечен живот.

Тој Самиот, иако беше мртов, еве, сега живее низ вековите и им дава живот на оние што преку патот на верата и добродетелите се приврзуваат за Него, прославувајќи Ги и Самиот од Нив станувајќи прославен, со беспочетниот Негов Отец и Пресветиот и благ и животворен Дух, сега, секогаш и во вечноста. Амин!

Свети Григориј Палама