На 16 април 1863 година, Достоевски остави забелешки по повод смртта на својата прва жена, Марија Димитриевна Достоевски, која, ден претходно починала од туберкулоза. Во таа забелешка тој го пишува следното: „Маша лежи положена на маса. Дали би се виделе некогаш повторно?“ Во продолжението Достоевски пишува, дека, да се засака човек како сам себе по заповедта Христова, е невозможно. Само Христос го можел тоа, но ТОЈ е вечен идеал кон кој се стреми секој, и по законот на природата треба да тежнее.

Меѓутоа, по појавувањето на Христос во тело, како идеал на човекот, стана јасно дека треба да се случи целосен развој на личноста. На крајот на тој развој, на крајот на растењето, во точката во која човекот доаѓа до целта, би требало да пронајде, да спознае и со силата на природата да се увери дека највозвишената можна употреба на неговата личност, највозвишената употреба на полнотата на растот и развојот на неговото јас (егото), е разбивањето на самото тоа јас, и негово целосно предавање на секој човек и на сите луѓе, без резерви и без ограничувања. Во тоа е најголемата среќа.

Законот на егото така се поистоветува со законот на вистинскиот хуманизам, на вистинската човечност, каде што егото и сите други, иако меѓусебно изгледаат дека се спротивни краеви, се соединуваат. Како и едното и другото-и егото и сите останати – да се уништуваат, за во суштина да ја достигнат полнотата и целта на својот развој, а тоа е Христовиот рај.

Секоја историја на човештвото и секоја историја на секој човек поединечно е растење и развој, борба и напредок, сè додека сите не стигнат до целта. Меѓутоа, ако тоа е крајната цел на човештвото и ако, бидејќи ја достигнало целта, престане понатаму да се развива и да се бори, тогаш, изгледа дека ќе нема причина човештвото и понатаму да живее. Изгледа дека човекот, кога ќе ја постигне таа цел, го завршува своето присуство на земјата. Од тоа се гледа дали човекот на земјата се наоѓа во растење, во развој. Спрема тоа, човекот не е довршено битие, но секако е минлив, или поточно, на поминување.

Би било бесмислено, ако човек, постигнувајќи ја таа цел, се угаси и исчезне. Со други зборови, бесмислено е, човек да ја достигне целта, а и понатаму да не живее. Врз основа на тоа, јасно е дека Идниот Живот ќе биде живот во Рајот. Каков живот ќе биде тоа, на кое место, на која планета, во чие средиште? Дали тоа би било во некое конечно средиште? Во некоја општа сеопфатна синтеза? Во Бог?

Ние тоа не го знаеме. За идната природа, за Идниот век, ние знаеме многу малку. Не знаеме со сигурност дали ние ќе се нарекуваме луѓе. Она малку што го знаеме, претходно што ни го откри и што ни го прикажа Христос. Тој, крајниот и Големиот Идеал на човештвото Кој, иако идеал, дојде до нас по законот на нашата историја-во тело.

Обележје на идната природа на луѓето е она што го кажа Христос-дека нема ниту да се жени, ниту да се мажи, туку ќе живее како Божји Ангел (Матеј 22, 30). Тоа обележје има повеќе значења. Нема ни да се жени, ниту да се мажи, бидејќи нема да има причина за тоа, со обѕир на тоа дека нема да треба да се развиваат и преку породување да стигнат до целта.

Причина поради која луѓето се женат или мажат, е да имаат пород кој би го продолжил нивното созревање. (Достоевски овде го има на ум прогресивниот тек на човештвото и верува дека на крајот луѓето ќе го достигнат идеалот). Би било зло, ако смртта би го имала последниот збор. Ако сите претходни луѓе умираат и исчезнуваат, па дури и оние кои успеале нивното его да го соединат со сите останати, тогаш не би имало смисла, човештвото, развивајќи се, да ја достигне целта.

Меѓутоа, тој успех на напредување можен е од генерации кои произлегуваат од брачна заедница. Значи, во Идниот живот нема да им причина за брак. За тоа постои пак уште една причина. Бракот, како да е оддалечување од совршениот хуманизам. Сопружниците, како да се оддалечуваат, изолираат и во нив останува малку простор за да им се посветат на другите. На тој начин, семејството е закон на природата, но е и нешто егоистично во состојбата во која човекот се наоѓа.

Семејството, се разбира, е најголема и најсвета работа за човекот на земјата, бидејќи низ бракот човекот и човештвото напредуваат, и преку генерации свои потомци ја достигнуваат крајната цел. Меѓутоа, во исто време, по законот на човечката природа, поради крајниот идеал, човекот треба да се одрече од тоа големо и свето нешто, односно од бракот. Така што, по ова прашање постои поделеност.

Отфрлајќи го Христијанството, противниците на Христијанството се измамени со следната аргументација: Ако христијанството е вистинито, зошто не преовладало на земјата? Зошто луѓето и ден денес страдаат и не се браќа еден на друг? Многу е јасно зошто. Затоа она за што зборува Христијанството е идеал на идниот, на конечниот, Есхатолошки човечки живот, додека пак на земјата е во човекот е во стадиум на поминување. Идеалот на Христијанството ќе биде остварен кога ќе се постигне целта; кога човекот, во склад со законите на својата природа, ќе доживее преродба во друга природа, каде што ќе нема брак.

Самиот Христос го проповедаше Своето учење како идеал, и Сам рече дека до крајот на светот ќе следува борба за развој и за созревање. Бидејќи, тоа е законот на природата, законот на животот на земјата; живот кој се развива, расте и напредува, додека таму, на крајот, во Другиот живот, ќе биде вистинската егзистенција. Егзистенција која е полна, исполнета-таму каде „времето нема веќе да постои“ (Откр. 10, 6).

Атеистите, кои го негираат Бог и Идниот живот, подготвени се ова прашање да го претстават премногу човечки, и тоа е всушност нивната грешка. Тие не разбираат дека Божјата природа е спротивна на од природата на човекот. Во склад со научните достигнувања, човекот од сложеност се движи кон синтеза, од факт кон негово воопштување и познавање, додека пак Бог е конечна синтеза на целокупната егзистенција, која тука се дава во сложеност, во анализа. Доколку човек, во овој живот, сè уште не е човек, каква ќе биде неговата природа после? На земјата тоа не можеме да го разбереме, но го претчувствуваме тој закон на човечката природа-и секој човек поединечно и цело човештво. Тој закон на другата човечка природа, ќе биде потполно соединување и синтеза на неговото јас (его) со сите други. Љуби ги сите како себе самиот. Меѓутоа, тоа на земјата е невозможно, бидејќи се спротивставува на законот на развој на личноста и достигнување на крајната цел кон која тежнее.

Достоевски на ова место сака да каже дека предуслов за развој на личноста, на некој начин, е нејзиното одвојување од другите. Не може да бидеш во толпата. Во толпата не стануваш ништо, таков беше социјализмот кој прокламираше масовност. Личноста треба да се препознае, да се развива и да има вредност во однос на другите луѓе. Нејзината вредоност е да се зголемува и да се препознае како личност, но кога ќе успее во тоа, треба да се жртвува заради сите други, како и сите други поради корист на таа една личност. Така таа ќе се соедини со нив и ќе стигне до полнота и конечна потврда.

Затоа, кога противниците на Христијанството велат дека тоа што го проповеда Христијанството не е идеален закон, ние им одговараме: Но, е закон на нашиот Идеал, доколку се оствари во склад со сето она што го зборуваше Христос. На крај, сè зависи од тоа дали го прифаќаме Христос како конечен Идеал на земјата. Со други зборови, сè зависи од самата вера во Христа. Кога еднаш ќе поверуваш во Христос, веруваш и дека ќе живееме вечно. Сепак, се поставува прашањето – дали и во следниот живот ќе постои секое јас (его)? Бидејќи велат, дека човековото јас (его) умира и потполно се разложува.

Како прво, ние веќе тука на земјата знаеме дека не умира цел човек. Бидејќи, по самата природа, тој себеси се предава на својот син, ми пренесува еден дел од својата личност. Како второ, во морален поглед останува неговиот спомен кај другите луѓе (Достоевски вели дека многу е важно, кога служиме Помен, да ја пееме Вечнаја памјат).

Со други зборови, со дел од својата личност, која порано живеела на земјата, тој човек влегува во понатамошниот развој на човештвото. Ние ги гледаме сеќавањата на големите луѓе, кои го унапредиле човештвото, како што, се разбира, го гледаме и сеќавањето на злочинците. Човекот смета дека е голем благослов и среќа кога личи на големите луѓе, чиј спомен останува. Тоа значи дека дел од таа природа на тие луѓе влегува и телесно, преку нивните деца, и душевно-преку другите луѓе, во понатамошниот пат на човештвото. Според тоа, не умира цел човек.

Христос влезе во човештвото, а Вистинскиот човек тежнее да се преобрази во Христовото јас (его), како во свој Идеал. Кога ќе успее во тоа, ќе види дека и тој и сите други, уште овде на земјата ја достигнуваат својата цел, бидејќи влегле во синтеза со својата конечна природа, т.е во Христос (Како што гледате Христос е, општа, Соборна личност во која сите други влегуваат). Затоа Христовата природа е сложена (Богочовечка, како што би рекле Светите отци и Св. Јустин). Бидејќи е Божја природа.

Тоа значи дека тој е отсјај Божји на земјата, односно отсјај Божји во човечко тело. Со обѕир на тоа дека ќе постојат сите тие јас (его) и секое јас поединечно, како секој ќе воскресне во таа општа синтеза? Тоа тешко можеме да го замислиме. Во секој случај, јасно е дека она што живее и не умира ќе биде искажано во неговиот конечен цел, кога тој цел ќе биде достигнат. Според тоа секое јас ќе оживее, воскресне и ќе влезе во сложен Вечен живот.

Ќе бидеме личности, не престанувајќи да се соединуваме, не престанувајќи да се претопуваме со другите – и Личности, и соединети со другите. Макар што тоа соединување нема да значи непостоење, бидејќи ќе постоиме, но на различни места и во различни уредувања. Така Христос рече: Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење (Јован 14, 2). Таму сите ќе бидат свесни за самите себе и за сите други и ќе живеат вечно.

Како ќе биде тоа, во кој облик и во која природа, на човекот му е тешко да разбере. Според тоа, човекот на земјата тежнее кон својот идеал, кој е спротивен на неговата природа. (Достоевски овде ја подразбира овдешната човечка природа која како личност, треба да се брани, да се чува за да не се разлее во толпата).

Меѓутоа, кога човекот и покрај тоа ќе ја исполни таа цел, неговото јас се поистоветува со другите и умира заради другите. Тоа значи дека го сакаш другиот. Тоа, конечно ќе се оствари во Вечниот Живот. Кога човекот овде на земјата не го исполнува законот на тежнеење кон идеалот, односно не се жртвува, со љубов, за другите луѓе или за еден конкретен човек (на пример Маша и јас), тогаш чувствува дека страда. Таа состојба, човекот ја нарекол грев.

Бидејќи, вообичаено не остварува тежнеење кон идеалот неопходно е човекот да чувствува дека страда на земјата. На тој начин, тој некако го урамнотежува својот живот. Од друга страна, животот се урамнотежува со жртвата која се дава, обидувајќи се да го оствари својот идеал на земјата, со што се подготвува рајската состојба. Тоа е рамнотежа на земјата, бидејќи во спротивно, земјата би била незамислива и бесмислена.

Додека учењето на материјалистите е општата инертност и механизам на материјата, што значи смрт, наспроти тоа се наоѓа учењето на вистинската филозофија, Христијанската, и тоа претставува укинување на инертноста. Тоа е мислата дека центарот и синтезата на универзумот, дури и надворешниот облик на материјата, е во Бог, односно во Вечниот живот. Тоа го напиша Достоевски.

***

Ваквото размислување на Достоевски е многу комплицирано, доколку земеме предвид дека е запишано во 1864 година, само неколку години откако излегол од затвор, и станува збор за фаза во која неговата космотеорија (неговиот поглед на свет) суштински се менува во однос на првобитниот, чиј идеал е спасување на егото на секој човек и на сите луѓе, што не ја отфрлил до крајот на својот живот тој првобитен идеал-дека сите треба да се спасат-Достоевски го пронашол во Христијанството, а не во социјализмот, бидејќи социјализмот го зел тоа од Христијанството, меѓутоа, правејќи грешка со тоа што ја укинал личноста.

Достоевски повторно ја пронаоѓа Личносноста (персоналноста) и тогаш се обидува да го реши проблемот на Личноста и целокупната заедница на луѓе. Како да се соединат, бидејќи изгледаат меѓусебно спротивни? Навистина, сум слушнал од добри социолози дека главниот проблем е како личноста и општеството да најдат решение за својот меѓусебен однос. Достоевски го наоѓа во христијанскиот парадокс на смртта. За да би се здобил со живот, егото треба да се развие, за да настане безличен дел од толпата – на што се настојува во социјализмот – но правилниот начин на развој на егото е да стигне до пожртвуваност, да се жртвува и да умре, како би воскреснал и би се соединил со другите. Умирајќи, егото го пронаоѓа својот вистински живот, односно своето Воскресение.

Извор: Епископ Атанасије (Јевтић), Достојевски, Врњци: Интерклима-графика; Алхамбра: Севастијан прес; Требиње: Манастир Тврдош, 2020, стр. 143 – 161.