Законот заповеда: „Не биди им непријател на синовите од народот твој, туку сакај го ближниот свој како самиот себе“ (3. Мој. 19, 18). Нашиот, пак, Господ Исус Христос, со безбројни докази ни го дава законот на взаемната љубов – некако, поставувајќи го како заштита на оној закон за вроденото и постојано знаење и за секоја желба за доброто. Тој вели: „Како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив“ (Лука 6, 31). Оној, кој би сакал да добие нешто нема да се оддалечи од целта ако се реши и самиот тој да го изврши истото за другите – напротив, тој ќе отиде по краткиот пат на љубовта и ќе се украси со венецот на заемнољубието. Љубовта е исполнување на законот – таа е попревосходна од верата и надежта (1. Кор. 13, 13). Заради тоа, божествениот Павле, плетејќи разноцветен венец од пролетни цвеќиња, за љубовта пишува: „И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори, штом љубов немам, ништо не ми користи. Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее, не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло, на неправда не се радува, а на вистина се радува, сѐ извинува, во сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ претрпува. Љубовта никогаш не престанува“ (1. Кор. 13, 3-8). Мислам дека ова за сите е јасно – ако некој, во однос на љубовта, би решил подробно да собере сѐ од Новиот завет, тогаш би се образувала една мошне долга низа…

Ние, пак, ќе се обратиме кон сенките на законот и кон она што е изречено од древните. Законот бил примена на праведноста и увод кон доблестните дела на Евангелието, зашто е напишано: „Почеток на добриот пат е – да се врши правда“ (Изрек. 16, 5). И уште: „Законот беше за нас воспитувач во Христа, за да се оправдаме преку верата“ (Галат. 3, 24). Тој може да вроди вистинска слава за живот според Христа, ако биде разбран духовно. Законот нѐ доведува до праведноста. Она што е повисоко од неа – веќе нѐ води кон евангелското учење. Видовите, пак, на праведноста се: првиот – почит и љубов кон единиот по битие и природа Бог; а вториот – некако сроден на првиот и веднаш следен по него – љубов кон браќата еднородни, откако на прво место ќе се постави почитта кон родителите. Во воспоставен поредок Божјото Слово оди пред нас и ни вели дека ние сме должни, врз основа на побожноста пред Бога и почитувањето кон родителите, да покажуваме чесност и во своите односи кон другите луѓе. Законот насекаде се грижи за рамноправноста и точно определено сака да се врши праведното. Разбери дека изложеното во законот има граница – праведноста, а откриеното од Христа го надминува по изобилство и се простира многу подалеку: зашто над праведноста стои доброто, т. е. славата на животот во Христа!

Св. Кирил Александриски