Синко, ако си зел одговорност за твојот ближен и си ја дал раката своја за друг,

ти си се врзал со зборовите на устата своја, и фатен си во своите зборови.

Затоа синко, бидејќи си паднал во рацете на својот ближен, еве што треба да направиш за да се избавиш: оди, падни пред нозете на блискиот свој и моли го;

не давај им сон на очите твои и дремка на своите клепки,

спасувај се како срна од стапица и како птица од мрежа.

Оди кај мравката, мрзливецу! Види ја нејзината работа и биди мудар.

Таа нема ниту началник, ниту настојник, ниту пак заповедник;

но ја приготвува својата храната лете и ја собира во време на жетва. Или, пак, оди кај пчелата и види колку е трудољубива, каква пофална работа извршува; трудот нејзин го употребуваат за здравје и царевите и обичните луѓе; неа сите ја сакаат, и таа е славна; иако по сила е слаба, но по мудрост е почитувана.

До кога ќе спиеш, мрзливецу? Кога од сонот ќе станеш?

Малку ќе поспиеш, малку ќе подремеш, малку со скрстени раце ќе полежиш:

и ќе дојде твојата сиромаштија како патник, и твојата немаштија како разбојник. Ако, пак, не бидеш мрзелив, жетвата твоја ќе дојде како извор, а скудноста ќе избега далеку од тебе.

Човек лукав и човек нечестив со лажлива уста,

намигнува со очите, говори со нозете, дава знаци со прстите,

во срцето негово има подмолност: тој мисли зло во секое време, сее раздори.

Затоа, ненадејно ќе дојде неговата пропаст, наеднаш ќе биде сотрен – без излекување.

Еве шест работи, кои Господ ги мрази, па дури и седум, што се одвратни на душата Негова:

очи горделиви, јазик лажлив, и раце што пролеваат невина крв,

срце кои крои лоши планови, нозе кои бргу трчаат кон злото,

лажен сведок, кој измислува лаги, и оној, што сее раздор меѓу браќа.

Синко, пази ја заповедта на татка си и не отфрлај ја поуката на мајката своја;

врзи ги засекогаш за срцето свое, врзи ги околу вратот свој.

Ако тргнеш, тие ќе те раководат; ако легнеш да спиеш, ќе те пазат; ако се разбудиш, ќе разговараат со тебе;

зашто заповедта е светило, и поуката – светлина, а опомената е пат кон животот.

Мудри Слоломонови изреки (гл. 6, 1-23)