Божественото писмо ги осудува оние кои се поклонуваат на киповите, но и оние кои принесуваат жртви на демоните. И Елините и Јудеите принесувале жртви; Елините жртвите ги принесувале на демоните, а Јудеите на Бога. Елинското жртвопринесување беше отфрлено и осудено, а жртвата на праведните била прифатена од Бога. Ное принесе жртва, и Господ Бог насети мирис од праведник, бидејќи го прими мирисот на добрата волја и на благодарноста упатена Нему. Така, киповите елински, го преставувале демонското изобразување, па затоа биле отфрлени и забранети.

Згора на тоа, кој е во состојба да го изобрази невидливиот и бестелесниот, неописливиот и неизобразивиот Бог. Изобразувањето на она што е божествено е знак на крајно безумие и бесчестие. Затоа, во Стариот завет не била вообичена употребата на иконата. Но, бидејќи Бог, поради Својата голема милост постанал човек за нашето спасение, и тоа не онака во човечки облик како што се јавил на Авраама или пророците, туку навистина и суштински станал човек Кој живеел на земјата и со луѓето, па правел чуда, страдал, бил распнат, воскреснал и се вознесел. И сето тоа навистина се случило, и луѓето тоа го виделе, и тоа е запишано. Па затоа, за да се поучиме и да се сеќаваме на тоа и ние кои тогаш не сме биле присутни, па иако не сме виделе да поверуваме и да се удостоиме со блаженствата Господови. Бидејќи сите не се вични на писмото, ниту знаат да читаат, затоа светите отци одлучија, заради исклучителните дела и заради помен и сеќавање, тоа да биде запишано на иконите.

Навистина, многупати немајќи го на ум Христовото страдање, кога ќе го видиме на икона Христовото распнување ни доаѓа во сеќавање Неговото спасоносно трпение, и паѓајќи на земја се поклонуваме, но не на материјата, туку на Оној Кој е на иконата изобразен. Како што не се поклонуваме на материјата на Евангелието, ниту на материјата на крстот, туку на нивниот образ. Бидејќи, по што се разликува крстот кој на себе го нема образот Господов од оној кој го има? А кога станува збор за Богоматеријата: почитувањето што е кон неа прикажано, го упатуваме кон Оној Кој од неа се восплотил. На сличен начин, и големите дела кои ги направиле светителите нѐ поттикнуваат на човечност и ревност и на угледување на нивните постапки извршени во слава Божја. Бидејќи, како што спомнавме, почитта која ја укажуваме кон благородните сослужители ја покажува нашата благонаклоност кон заедничкиот Владика, а почитувањето на иконата преоѓа кон почитување на прволикот.

Тоа всушност и не е запишано предание, како што е и поклонувањето кон исток, поклонувањето на крстот и многу други слични нешта.

Св. Јован Дамаскин