Честопати, во болестите што нѐ снашле, јасно се гледа самата Божја рака. Нашиот возљубен Господ на сите им го посакува блаженството во Царството Небесно. Но, многу луѓе не сакаат да одат по патот на спасението, ги игнорираат заповедите, упорно истрајуваат во гревот. Тие тврдоглаво одбиваат да ги видат знаците на Божјото внимание и ја отфрлаат човечката помош. За болната душа на таквите луѓе, најефикасен лек е тешката и долготрајна болест. Според учењето на Светите отци, болестите се испраќаат од Бога заради здравје на душата (св. Исак Сириски). Св. Јован Лествичник пишува дека видел болни луѓе, кои преку физичката немоќ се ослободиле од душевната страст. Одарот на болеста честопати станува место за богопознание и самоспознавање. Страдањето на телото е често причина за духовни наслади, а постелата на болеста е посипана со солзи на покајание и со солзи радосници (св. Игнатиј Брјанчанинов). На луѓето кои водат грешен живот и го занемаруваат своето спасение, Господ им ги испраќа болестите како огнен, но исцелувачки завој. Милостивиот Господ не би ни испраќал никакви таги, но маката е во тоа што повеќето од нас не знаат како да се спасат поинаку. Се случува Бог преку болеста да заштити некои луѓе од неволји, кои тие инаку не би можеле да ги избегнат доколку се здрави (св. Теофан Затвореник).

Зошто на сите грешници не им се испраќаат тешки болести? Затоа што Бог ги знае срцата на луѓето. Некои се противат на вистината без разлика на искушенијата што претходно ги снашле. На веќе направените гревови, тие можат да додадат и нови, уште посериозни: очај, озлобеност, ропот. А Бог не сака да им биде влошена состојбата. Во однос на таквите луѓе јасно се гледа дејството на Божјата љубов.

Потребно е да зборуваме посебно за телесните болести, кои често ги посетуваат и светителите и праведниците. Во тоа се манифестира Божјата грижа за нивното духовно совршенство. Ако ти, кој си праведен, си паднал во болест, тогаш преку тоа ти напредуваш од помалото кон поголемото. Ти си злато, и преку огнот стануваш уште почист (Света Синклитикија). Во „Отечникот“ се раскажува за еден старец, кој често страдал од разни болести. Еднаш, цела година се случило да не падне болен. Старецот многу се нажалил, велејќи: „Господ ме остави и не ме посети“.

Здравите мора секогаш да помнат дека болестите на луѓето, со кои сме поврзани во животот, се однесуваат и на нас. Господ ни дава можност да се спасуваме преку делата на љубов и милосрдие кон страдалниците и болните. Никој не треба да ја пропушти таквата можност што ни ја дава Бог за нашето спасение: „бев болен, а вие Ме посетивте“ (Мт. 25, 36).

Во наше време се зголемија болестите. Во врска со ова, можеме да се потсетиме на пророштвата на древните старци за оние, кои ќе мора да живеат во последните времиња. Бидејќи се веќе неспособни за подвизи, тие ќе се спасуваат само со поднесување на таги и болести. За да го чекориме овој пат и да влеземе во Царството Небесно, ќе мораме на христијански начин да ги издржиме тешките неволји што секојдневно нè снаоѓаат. Кај некои духовно искусни старци од нашето време може да се сретне мнението дека ракот е оној што ќе ги одведе луѓето до спасението, ако тие се однесуваат кон него со вера и трпение.

Јеромонах Јов Гумеров