Со громогласен стоечки аплауз и овации заврши хуманитарниот настан „Од децата со љубов- Концерт на добрината“  кој кулминираше по завршната маестрална изведба на учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ од Скопје, а на кој виртуозно нѐ воведоа прецизните и воодушевувачки талентирани членови на ВИС „Стихири“ од Струмица.

Домот на културата „Јане Сандански“ во Ново Село беше претесен и преполн. Претесен да ја собере публиката, а преполн со емоција која може да ја разбуди само ритамот на македонскиот мелос, преку чалгиската песна и традиционалното оро. Во публиката присутни беа Митрополитот Европски г. Пимен, викарниот Епископ Стобиски г. Јаков, градоначалниците на Василево и Босилово, советници од општинскиот совет, пратеници.

Нежните детски гласови и звуците на канонот, табурата, кавалот, утот и целиот чалгиски состав  преку рефрените на антологиските староградски песни: „Марие млада невесто“, „Бор садила мома Евгенија“, „Дафино вино црвено“, „Твоите очи Лено мори“, силно емотивната „Ој Горушице“, „По друм одам мајче“ изведени од Вокално инструменталниот состав „Стихири“ од Струмица ја отворија вечерта за паметење. Раководителката на составот, професорката Маја Витанова, вели дека интересот кај младите за овој вид музика е огромен.

-Првпат го организираме овој хуманитарен настан во рурална средина, со цел да го прошириме опфатот на нашето работење. Среќни сме што ја имаме честа да соработуваме со ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ од Скопје. Интересот кај младите во Струмица за чалгиската музика може да кажам дека е огромен. Нашиот состав постои една година и во него членуваат триесетина ученици кои учат со огромна радост и уживаат во тоа што го работат, рече Витанова.

 

Средношколците од насоката за традиционална музика и игра од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ од Скопје ни приредија еден музичко- сценски времеплов. Преку уверливата костимографија, богатата кореографија, силната вокална и инструментална изведба, но и актерската комуникација, публиката за миг си припомни на македонското минато, традициите и обичаите, песната и орото, гајдата и зурлата, тапанот, и прошета од Мала Река до Скопска Блатија, Банско и Овче поле, до градските игри во Велес- од Којник до Прцорек.

Доблест и голем мерак, вака раководителката на отсекот, м-р Благица Илиќ, ја опишува значајноста на работата со традиционалните македонски ора и песна.

– Доблест и голем мерак е да се биде дел од оваа, може да кажам, единствена насока за традиционална музика и игра во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ од Скопје. Со оглед на податокот дека во изминатите години сѐ поголем е интересот на запишување на ученици на овој оддел благодарејќи и на големиот број активно фолклорни ансамбли кои што нудат неформално образование, огромна е благодарност, но и одговорноста да се работи во овој правец на изучување на орската и музичка традиција, рече м-р Илиќ.

Илиќ додаде дека освен едукативната мисија, најважна е педагошката и уметничка- создавањето на мост  и соработка која и понатаму треба да се развива во овој правец изнесувајќи ја благодарноста од директорката м-р Даница Стојанова, професорите од насоката за традиционална песна и ора за соработката со Општина Ново Село и со Фондацијата „Елеуса“.

-Традицијата треба да претставува едно идентитетско обележје на она што е наш корен и наша основа. Влогот во овие ученици е нашата основна задача, децидна е професорката м-р Илиќ.

 

Домаќинот, градоначалникот , Ѓорѓе Божинов  вели дека е особено среќен што тука се организира хуманитарниот настан, од кој собраните средства ќе бидат наменети за помош на луѓето на кои им е најпотребна, жители на Општина Ново Село.

-Преку овој настан ќе испратиме порака на хуманост и соработка за социјално ранливите категории. Благодарен сум што со благослов на Владиката Јаков го организираме овој настан кој ќе значи поддршка за најранливите семејства од нашата општина. Ние сме рурална средина и тука навистина има лица на кои им е потребна поддршка, а тоа е и целта на концертот. Се радувам што картите беа веднаш распродадени и се надевам дека следниот настан ќе го организираме на отворено за што повеќе публика да може да ужива во изведбите, но и да донира за нивните сожители на кои им е потребна помош, рече градоначалникот Божинов.

Од Фондација „Елеуса“ велат дека ос самиот почеток на своето постоење се дел од живото на жителите на општина Ново Село.

-Ние годишно испраќаме околу 120 хуманитарни пакети за жителите на оваа општина. Секако тука да ги споменеме и индивидуалните форми на помош кои ги даваме во различни ситуации и за различни потреби. Една од нашите главни цели и мисии е хуманоста, но и зачувувањето и негувањето на нашите традиции. Овој хуманитарен концерт ги спојува нив две во едно. Се надеваме дека во следниот период и другите општини кон кои гравитира Фондацијата, а тие се парохиите на Струмичката Православна Епархија ќе може да го видат овој настан кој кај сите предизвика огромна радост и среќа, рече Наташа Василевска Трајчевска од Фондацијата „Елеуса“.

Фондација „Елеуса“ зад себе има организирано повеќе музички настани, но овој е прв од ваков вид, на приближуавање до руралните средини преку мостот на соработка меѓу ВИС „Стихири“ и учениците од насоката за традиционална музика и оро од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ од Скопје. Сите средства собрани од продажбата на билетите ќе бидат наменети за подготовка на велигденските хуманитарни пакети за жителите на општина Ново Село.