За да избегнеш од луѓето презреност и осудување, а исто така, и перчење и гордост и други останати слични нешта на овие, за силно да им го заградиш влезот во твојата душа, за сѐ треба, од срце и од сета душа да се сметаш себеси за туѓинец, за прост и неразумен, кој ништо не може да смисли и ништо не умее да направи. Таквото расудување прими го на себе, за да можеш да ги оддалечиш човечките прикажувања, суетните разговори, и ти ќе се сочуваш себеси од смеењето, осудувањето, исмевањето и штетното празнословие, од душепогубната суета и од високото мислење за себеси.

Смирувај се себе со сето срце, со сета душа и со сите помисли: зашто Најслаткиот Исус ги љуби оние кои со смирена мудрост се спасуваат, и кои сакаат со срдечна и пламена љубов да се поправат и кои сакаат сите ние да бидеме во разумот на вистината.

Кога ќе дојде време за Божествена Литургија, поитај, колку што е можно на нејзиниот почеток и влези во Црквата со восхит и со пламена љубов. Стој со страв и трепет, изобразувај Го во умот, во душата и во срцето Синот Божји, Кој пострадал за тоите беззаконија, но и за спасение на сите оние што веруваат во Него.

Ако имаш намера и посакаш да се причестиш со Божествените Тајни, и ако духовникот те удостои со тоа причестување, тогаш целата седмица помини ја во строг пост. Пости вистински, и воздржувај се од изобилна и вкусна храна и пиење. Потруди се постојано да бдееш во молитва и во љубов кон Бога, во скрушеност на срцето, во срдечни воздишки и во солзи.

Исто така, знај, ништо толку не ги очистува душата и телото, како солзите, скрушеното срце, воздишките, срдечните, усрдни и топли молитви и останатите богоугодни дела, како и вистинското покајание. Внимавај да не се присоединиш кон оние што го распнаа Христа, за да не се уподобиш на Јуда предавникот. Внимавај што вкусуваш, не е тоа обичен леб, туку е Самиот Бог што Го примаш.

Со што се храниш, дали со вистинската манна, која дојде од небесата, за притоа да бидеш жив во века?

За сѐ треба да имаш голема и тврда вера, и затоа без одложување е потребно да се оддалечиш од сите пороци, за својата душа и тело да направиш да бидат најчисти, зашто само така за Светиот ќе направиш место во себе. Гледај со каква чест си удостоен. Кога ти се причестуваш со Божествените Тајни, најчистите ангели невидливо стојат, треперат и од ужас не можат да гледаат. А ти минливиот и со секаква нечистотија исполнетиот со ова се храниш, и со Божествената светиња се соединуваш. Внимавај претпазливо, кого се дрзнуваш да го примиш внатре? Самиот Пресвет Бог. Со кого сакаш да се соединиш? Со Оној Кој нѐ создал. Ужасни се и затрепери, зашто божествениот оган се допира до твојата уста, која е исполнета со празнословие и сквернословие, и со секоја нечистотија.

Внимавај, да не биде изгорен твојот јазик, кој многу зла, беззаконија и неправди има изречено. Со што сакаш да го попрскаш твојот јазик? Со Крвта на страшниот Судија. Ужасни се! За да не потпаднеш под Неговата праведна осуда.

Благодари Му на Бога за неискажливото Негово милосрдие, што Он со сето тоа те удостојува. Притоа запамти го и ова: што ако ти не би имал или немаш ангелска чистота или непорочна светост и не го поседуваш преподобието на св. Јован Крстител, и тогаш без особеното милосрдие Божјо, ти нема да можеш да се удостоиш со ова Божествено Таинство. Благодари за неискажливото милосрдие на Господа, што Он иако страшен и недостижен Бог, сепак не се гнаси од нашата нечистотија, но се соединува Себеси со нас, од преголема љубов кон нас. Затоа, и ти треба со сите сили да Му благодариш на Господа, не само со зборови, туку и со дела и помисли. Труди се, колку што можеш, да се сочуваш од многу зборување, труди се да бидеш чист и свет, не само пред Причеста, туку и по примањето на светињата. Труди се секогаш да живееш со Христа Царот и Бог и не одалечувај Го Него од себе. И така, по Божествената Литургија, влези во ќелијата со безмолвие на јазикот, на умот и на сите чувства, и живеј во молитва и благодарење.

Старец Назариј Валаамски