Светиот Дух меѓу првите христијани наоѓал многу живи садови, живи храмови, достојни Тој да се всели во нив, да пребива во нив. Такви биле апостолите; таков бил првомаченикот Стефан; такви биле речиси сите членови на Црквата, Којашто ја зацврстиле апостолите; такви биле светиите од сите времиња. Наоѓајќи христијанин верен на Христос, Светиот Дух слегувал врз него, го возобновувал според образот на Новиот Адам така што во неговата душа и во неговото тело внесувал непропадлива светлина од Бога и го исполнувал Својот храм со духовни дарови. Духоносните луѓе изобилно го ширеле Христовото учење преку силата на духовниот збор, зацврстуван со силата на даровите на Духот, на своите браќа им пружале брзо и благородно напредување, учејќи ги – вели апостолот – на секоја мудрост, та сите нив да ги претставиме совршени во Христа Исуса (Колосјаните 1, 28).

Денес, кога се зголеми бројот на богати со знаење, со вештини, со сè што е материјално, денес ги снема преподобните (Псалм 11, 1). Погледнувајќи на синовите човечки, барајќи достоен сад во таа маса на самонаречени образовани, просветени, православни, Светиот Дух искажува жална осуда за нив: Нема ниеден разумен, нема кој да Го бара Бога. Сите се отстранија, заедно станаа негодни: нема кој да прави добро, нема ниеден. Грлото нивно – отворен гроб; со јазиците свои мамат; под јазикот нивни – змиски отров, устата нивна е полна со клетва и горчина. Нозете нивни им се брзи во пролевање крв; пустош и маки по нивните патишта; тие не го познаа патот на мирот. Страв Божји нема пред очите нивни (Римјаните 3, 11-18).

Ете ја причината поради која Духот Божји нè избегнува, а Тој навистина е вистинско наследство на вистинските христијани, кои за сите нови Израилци го стекнал нивниот пресвет Родоначалник. Духот Божји е Свет, и почива во самите светии коишто себеси се распнале за светот, коишто го распнале телото свое со страстите свои и похотите (Галатјаните 5, 24). Уште во Стариот Завет е јавено за Него: Духот Мој нема вечно да пребива во луѓето, зашто тие се тело (Битие 6, 3). Тој преблаг Дух во раната Црква се симнал врз огласениот Корнилиј само во облик на крсниот збор и го исполнил со разни дарови, а сега нè избегнува, нас коишто веќе сме измиени со крштевањето, со намера да бидеме верни и православни, нè избегнува, макар што Тој, како Бог, не гледа кој е кој; нè избегнува за да не нè направи уште погрешни, со припојување на тешкиот грев на оскрбување на другите со нашите гревови, а тој грев го оскрбува Светиот Дух и го принудува да се оддалечува.

Денес зраците на Сонцето на вистината не паѓаат право на луѓето! Поради сè почестиот материјален, телесен живот, ретко, ретко се наоѓа на земјата жив сад на Светиот Дух. Човечките срца, поради својата нечистотија, станаа неспособни за непосредно примање и носење на Неговите слова; поспособна од човечките срца станала безживотната твар, барем онаа неизвалкана од гревот. Каде денес почиваат зборовите на Духот? Во книгите на Светото Писмо и во светите угодници Божји, во книгите напишани по наговор и под влијание на Светиот Дух. Светиот Дух на своите избраници им принесувал разни дарови, им назначувал разни служења. Едни назначил за пророци, други за апостоли, трети за пастири и учители, четврти за маченици за Христа, петти за нивно очистување со монашки подвизи заради Христа. Даровите се различни, различно е и служењето, но почетокот, изворот е ист: Светиот Дух, Кој на секого му доделил дар, на секој му одредил служење по Своја волја и власт, како Бог. И книгите светите Божји луѓе ги напишале, со помош на различни дарови на Духот, садовите на Духот коишто имале различно служење, но сите се напишани или по наговор или под влијание на Светиот Дух. Светиот Дух веќе со самото тоа го покажува степенот на славата на своите живи храмови, и од еден блеска посилно, од друг поумерено. Како што ѕвездите на видливиот и небесен свод се разликуваат една од друга во слава, така е разновидно и духовното напредување на светите Божји луѓе коишто сјаат на црковното небо. На нивното духовно напредување е сообразна и светлината којашто ја зрачат нивните книги: но сите тие се на небото, сите даваат светлина, мирис на Светиот Дух. Токму тие книги се светлина на залезното Сонце на вистината којашто преблагиот Бог ја одредил да ги осветлува последните часови на христијанскиот ден.

Св. Игнатиј Брјанчанинов