Експлоатацијата на ближниот може и да не е поврзана со некакви лични чувства на непријателство. Таа, барајќи лична, партиска или државна придобивка, едноставно може да биде морална бесчувствителност.

Материјалната и духовна експлоатација во денешно време се правда со возвишени мотиви. Целта на револуцијата за доброто на сите, се оправдува со големи навреди кон луѓето. Со хумани фрази оперираат бездушните планери, кои не го гледаат живиот човек. Смртно навредлив за човекот и човештвото, е самиот утилитарен материјалистички пристап кон бесмртната човечка душа. Но, чувство за праведност и сострадание може да се роди и кај материјалистот, и покрај неговите материјалистички теории. Како човек, материјалистот може да биде морално чувствителен. А се случува и срцето на оној кој верува во Бога да се исполни со алчност и бесрдечност. Како што неверието кај материјалистот може да биде само на врвот на неговиот јазик, така и верата во Бога понекогаш бидува само на врвот на јазикот на верникот. Верата не е теоретска декларација.

Во денешно време луѓето ги навредува дури и верата во Бога. Но, човек може Бога помалку да Го навреди, отколку соѕвездието Орион или Лебед. Неверниците нанесуваат навреди само на својот живот.

Човек го навредува човека со својата злобна волја. И сите тие безбројни „молекуларни“ навреди во светот, сето наше лично и општествено зло во светот, ги породуваат оние црни виорни облаци на конфликтите, војните и душепогубувањата, од кои се потресува целото човештво и поради кои можеби истото ќе биде истребено.

Порано во историјата, во името на верата во Бога, цареви и народни водачи ги навредувале неверниците. Сега во многу земји на светот неверниците ги навредуваат верниците.

На човекот му е речено: Ги знаеш заповедите – не прељубодејствувај, не убивај, на кради, не сведочи лажно, не навредувај… (Марко 10, 19). Но, ако навредата се случила, треба да ѝ се спротивстави ненавредливоста. Во надминувањето на злото влегува и надминувањето на навредливоста. Ние, луѓето, премногу лесно се навредуваме еден со друг. И уште полесно се повредуваме самите. Се навредуваме дури и ако никој не нè навредува. Понекогаш сакаме да се почувствуваме навредени и во тоа се пројавува порочната човечка инфантилност. Детето понекогаш сака да се расплаче, не бидејќи мајка му го навредила, туку едноставно затоа што одеднаш слатко посакало да се почувствува навредено. Тоа е душевна незрелост. Активниот егоист навредува, пасивниот – се навредува. Навредите на активните и навредливоста на пасивните егоисти многу го збркуваат животот. Исходот од овие состојби кон духовната слобода, е само еден: никого да не повредуваме и од никој да не се навредуваме.

Архиепископ Јован Шаховској