Сите добродетели личат на Јакововата лествица, а грешните страсти пак, на оковите што паднаа од врховниот апостол Петар. Светите добродетели, поврзани една со друга, го вознесуваат на небото оној којшто таму сака да достигне, а страстите потиснувајќи се една со друга, сите заедно нѐ влечат во пропаста. Затоа и се вели за неразумниот гнев дека злопамтењето е едно од неговите родени деца. Заради тоа и ќе зборуваме за него, бидејќи токму овде му е местото.
Злопамтењето е последица на гневот, тоа е чувар на гревовите, омраза кон праведноста, пропаст за добродетелите, отров за душата, црв на умот, посрамување на молитвата, пресекување на молењето, отуѓување на љубовта, трн забоден во душата, непријатно чувство во кое се ужива со горчлива наслада, грев кој не престанува, вечно буден престап на законот Божји, трајна злоба. Оваа мрачна и одвратна страст, страста на злопамтењето, е една од оние страсти што се последица на други, а кои самите од своја страна не предизвикуваат ниедна друга страст. Затоа и немаме намера многу да зборуваме за неа.
Оној што го совладал гневот го уништил и злопамтењето: додека е жив таткото се раѓаат и децата.
На оној што стекнал љубов му станало туѓо да се гневи; а оној кој во себе негува непријателски чувства, си задава непотребни маки.
Трпезата без воздржување ѝ е мајка на дрскоста, и преку вратичето на љубовта се протнува стомакоугодието.
Сум видел како омразата раскинува долготрајна заблудена врска, и како тогаш злопамтењето не им допушта повторно да се здружат. Чудна работа: демонот изгонува демон!
На многу оддалеченото од цврстата и вистинска љубов злопамтење, лесно му се приближува блудот и тоа толку незабележливо, како кога некогаш откриваме вошки кај гулабите.
Ако веќе сакаш да бидеш злопамтило, биди таков кон демоните. И ако сакаш да му бидеш некому непријател, биди му непријател на телото и тоа во секој поглед. Телото е неблагодарен и неискрен пријател: што повеќе му се угодува, толку повеќе зло ни нанесува.
Злопамтењето се претставува себеси како учител на Светото Писмо: зборовите на Светиот Дух ги толкува на свој начин.
Кога ни после големи подвизи не си во состојба докрај да го искорниш од срцето овој колец, извини му се на непријателот, макар само на зборови, за посрамен пред него од своето долготрајно лицемерие и измачуван од совеста како со оган, да можеш совршено да го засакаш.
Дека потполно си се избавил од оваа гнилежност ќе дознаеш не по тоа што си се помолил за оној што те навредил, ниту кога за злото ќе му вратиш со добро, ниту ако го повикаш кај себе на трпеза, туку кога на веста дека претрпел некоја телесна или душевна незгода ќе заплачеш како за самиот себе.
Злопамтивиот тихувател е змија сокриена во својата дупка, полна со смртоносен отров.
Сеќавањето на Исусовите страдања го лечи злопамтењето. Тоа, пред Неговата трпеливост, се изложува на голем срам.
Во дрвото што однатре е гнило се создаваат црви. А во оние што се само привидно кротки и безмолвни, се крие траен гнев.
Оној што го изгонува гневот од себе, наоѓа прошка. А оној што се прилепува за него, се лишува од милосрдието Божјо. За да заслужат простување на гревовите, некои се предадоа себеси на напорни подвизи. Но, човекот што не памти зло, пред нив стигнува на целта. Простете за тоа малку што ви се должни луѓето и ќе ви се прости вашиот огромен долг пред Бога.
Незлопамтењето е знак за вистинско покајание. А оној што во своето срце е злопамтив и мисли дека се кае, личи на човек на кого во сон му се причинува дека трча.
Сум гледал злопамтиви што им советуваа на други да не памтат зло и кои засрамени од сопствените зборови и самите се ослободија од страста.
Никој нека не мисли дека оваа мрачна страст е безначајна. Таа често се вовлекува и во срцата на духовните луѓе.
Св. Јован Лествичник