Слушајќи го тој одговор на светителот, Григориј негодуваше:
– Но јас, оче, видов многу бебиња како лежат долго во постела и се мачат од страшните болести. Зар и тие простодушни дечиња имаат гордост, па затоа Бог ги собори кога се воздигнаа, како што рече? Што мислиме за тоа?
– Бидејќи родителите паднале во безбројни гревови, казнувани се нивните деца, така тие да се освестат од гревовите и да се покајат.
– Но, добро – забележал Григориј – праведно ли е да страдаат недолжните созданија поради туѓите гревови?
– Тие овде секако страдаат поради отпадништвото и гревовите на своите родители, но во идниот живот ќе стекнат венци и вечна слава. Тогаш на секого ќе му биде судено според делата негови, иако сега од една или друга причина, подруго се устроени Божјите судови.
Гледаш, некој греши, а Бог му ги уништува лозјето и нивата.

Ако нема покајание, ќе му ја погуби и стоката. Ако ни така не ги познае своите беззаконија, Бог ќе му ги усмрти децата, кои, нормално, за ништо не се виновни. Но на тие начини Бог ги буди луѓето што се гушат во земните грижи и воопшто не мислат за својата душа. Ним не им паѓа на ум дека можеби се грешни и им треба покајание. Дење и ноќе тие се занимаваат со земните работи, непрестано паѓаат во нови гревови, а за сопствената душа не се грижат.

Затоа Бог удира на многу невини, давајќи им венци поради тоа што ги бие и ги буди останатите од смртоносната духовна зачмаеност. Оние што ни така не се соземаат, ќе бидат совршено недостојни за оправдание на Судниот ден.

Извадок од книгата
Свети Нифонт, подвижник меѓу епископите.