По Вознесението Христово, многу христијани пострадаа маченички заради својата вера. Апостолите Петар и Павле станаа жртви на овие прогонства. Постот, кој започнува на денот по Неделата на Сите светии и кој му претходи на апостолскиот празник, потсетува на страданијата на раните христијани и на различните христијански служби. Тој исто така е потсетник и за опасноста од враќање на животот без Бога, ако не бидеме постојано будни, ако ја изоставиме внатрешната самодисциплина, ако нашиот живот не е постојан духовен подвиг.

„После големиот празник Педесетница, постот е особено неопходен, за преку овој подвиг да можеме да ги очистиме своите мисли и да станеме подостојни за даровите на Светиот Дух – пишува свети Лав Велики – по големото празнување, кое Светиот Дух го освети со Своето присуство, обично следува сенароден пост, благодатно установен за заздравување на душите и телата, поради што треба да го извршуваме со нужно благоговение“.

Исполнети со Духот на вистината, апостолите, меѓу другите небесни тајни, го примиле и учењето за духовно воздржување. Чистејќи го своето срце со пост, човекот станува поспособен да ги восприема благодатните дарови и со Божја помош да се спротивставува на искушенијата. Затоа, по светлите и радосни денови на Воскресението, Вознесението и на Педесетница, Црквата утврдила дека треба да постиме. Овој пост ни е потребен и за да ги зачуваме во себе и оние дарови што ни се предадени преку Светите тајни на Црквата и да ги умножуваме во нашето лично христијанско служење.

Извор: http://www.pravoslavieto.com/