„Вие сте солта на земјата“ – така ги нарекол Исус Христос апостолите на планината. Тоа е закон, според кој осветените соодветно треба да живеат. Избраните, кои добиле најдобра оцена за себеси, должни се да го избегнуваат порочното општење и светската страст – тие се во состојба да го завладеат и најтврдиот дух, и да се одвратат од неразумните задоволства.

Тоа јасно се открива во книгата Левит: „Вино и сикер да не пиете, ти и синовите твои, кога ќе влегувате во скинијата на сведоштвото, а и кога ќе пристапувате кон жртвеникот, за да не загинете, тоа нека ви биде вечен закон во поколенијата ваши: за да можете да распознавате што е свето, а што не е; и што е чисто, а што не; учете ги синовите Израилеви на сите заповеди, што им ги кажа Господ преку Мојсеја“ (3. Мој. 10, 9-11).

Гледате ли колку е нужно тие да бидат бодри во својата служба! Причина за смртта може да им биде оној случај, кога тие пристапуваат кон свештеното служение со ум помрачен и со срце загрижено, завладеани од светското опивање, затоа што некои се пијани и без вино. Понекогаш умот доаѓа до безобразна состојба и отстапува од вистинскиот пат во животот – тогаш свештеното е во назадување и делата не го следат својот ред, бидејќи, некако се одбиваат од вистинскиот пат. Оние кои се наоѓаат во таквата состојба, неизбежно Го натажуваат Бога и ќе претрпат лута казна за својата лекомисленост!

Должни сме да бидеме бодри, откако ќе се ослободиме од опивањето, кое се изродува од светските грижи и наслади. Самиот Спасител ни сугерира да го правиме ова, велејќи: „…пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и со грижа за овој свет“ (Лука 21, 34).

На кој начин можеме да бидеме трезвени? Или, како можеме вечно да живееме неосквернати и чисти, но и слободни од казна? Чујте: како да го разликуваме свештеното од несвештеното и нечистото од чистото; и како да ги учиме синовите Израилеви на сите наредби, кои Господ им ги кажал преку Мојсеја!

Очигледно, неопходно е да се каже тоа, дека клириците се должни да се пазат од секаква страст и да одбегнуваат луѓе несвети, осквернати и нечисти. Мислам, дека тоа може да го направи секој, и тоа мошне лесно, останувајќи чист и неизвалкан, зашто: „Секое создание родот свој го сака, а човекот – ближниот свој“ (Сир. 13, 19). Освен тоа, свештениците треба да бидат мудри и поучителни, зашто поставениот над словесното стадо е должен да биде трезвен и да поучува. Апостолот мошне мудро нè советува: „Пази на себе и на учењето; биди постојано во тоа, оти, ако постапуваш така, ќе се спасиш и самиот, но и оние што тебе те слушаат“ (1. Тим. 4, 16).

Свети Кирил Александриски