Човекот, драги мои браќа, почнува да старее не тогаш кога ќе му побелее косата, туку тогаш кога ќе му поцрни срцето! Не смееме да го тргнеме од ум тоа дека не постојат само телесни болести. И душата може да боли и да се разболи. Една од душевните болести, и тоа една од најсериозните, е зависта. Колку ли само несреќа, колку ли трагедии меѓу луѓето предизвикала зависта!

Телесната болест можеме да ја откриеме врз основа на видливите симптоми. А според симптомите, кои ја издаваат зависта, лесно го препознаваме човекот кој живее под нејзината власт. На крај, големо проклетство, големо безумие и големо злосторство е да се завидува на другите луѓе.

А што, всушност, е зависта? Кога некој се жалости и се јаде заради среќата на другиот, заради неговите доблести и напредувања. Тој, истовремено, се труди на секој начин и со кое било средство сето тоа да го расипе и да го уништи. На пример, кога некој пожолтува, се онерасположува, се буни и трепери кога ќе види или чуе нешто за напредокот, добродетелите или убавината на некој друг човек, тогаш тој сосема сигурно во душата ја има зависта. Тој не сака другите да бидат среќни. Не може да ги гледа како напредуваат, како се возвишуваат и стануваат подобри од него и затоа, со сите средства и на секој начин, се обидува да им ја затруе радоста, да им го намали успехот.

Кога би било возможно завидливиот човек да има молња на располагање и кога би можел да ја фрли на домот и на делата на луѓето на кои им завидува, па на тој начин да ги сруши и уништи, тогаш тоа сигурно со голема злоба и би го направил, доколку, се разбира, некој притоа не би го забележил! Но, бидејќи тоа е неможно, завидливиот пронаоѓа и користи едно друго оружје – клеветата, која е чедо на зависта. Човекот, на кој му завидува, може да покаже некоја, па и најмала, несовршеност во карактерот. Завидливиот ги занемарува сите други доблести и својот поглед го насочува само кон тоа слабо место. Го зголемува, го развива и им го сервира на другите. Неговата жртва дури и да не покажува ниту најмала видлива маана или слабост, завидливиот ја создава ни од што. Неговата болна фантазија го измислува или го создава она што не постои.

Го прашале еднаш еден мудрец: Кои очи гледаат подобро: сините, црните или кафените? Тој одговорил: завидливите! Очите на завидливиот човек го гледаат и она што е најситно. Го гледаат дури и она што не постои. Само едно не гледаат: доброто! Ма и тоа го гледаат, но погрешно. Бидејќи не можат да ја поднесат неговата сјајност, завидливите клеветници налик на муви кои не се грижат за здравото човечко тело, доаѓаат и застануваат на раната. Оној кој завидува на доблестите и на вредноста на другиот, и кој се труди да ја уништи, покажува дека не ја сака добродетелноста. Напротив, тој неа ја мрази, и затоа не може во себе да поседува складност, префинети чувства и душевна убавина.

Како и секоја страст, така и зависта го замаглува и помрачува човечкиот разум до таа мера, што тој е во состојба да ги изврши и најголемите злодела. Онаа сатанска енергичност што ја покажува завидливиот човек, само за да ја уништи добродетелноста, убавината и возвишеноста, ни остава силен впечаток и ни предизвикува страв. Тој не пропушта ниту една прилика за да го понижи, да го разжалости и да го повреди, понекогаш одзади грб, а понекогаш во лице, човекот против кого се свртува неговата завист. Тој ќе се труди да оцрни со клевети, со лицемерие и со злоба да ги изврти и најпростодушните постапки на човекот кому му завидува.

Клеветата и лицемерието се драгоцено оружје на завидливиот. До каде, навистина, може да отиде завидливиот? До какви изобличувања и до какви злобни заблуди? Па праведниот да го обележи како неправеден. Невиниот како виновен. Спасителот како измамник! Јунакот како предавник! Добродетелниот како убиец!

Старец Нектариј Виталис