IV

Поучение за монаси, кои неодамна се одвоиле од светот и од оние во светот,

како и за тоа каква верба треба да се има во својот отец.
Остај го сиот свет и тие во светот,
та здружи се сал со блажената тага!
Ридај само за својте злодеанија,
оти тие од Создателот на сèте
5 лишија, Христа, а и од светиите!
На ништо друго да не мислиш вон ова,
но и телото сметај си го за странец.
Гледај удолу ко да си осуденик,
којшто патот до смртта си го чекори!
10 Офкај везден од длабини на срцето,
и лицето саде со солзи си го миј!
Нозете, пак, тие што во зло итаа,
не посакај воопшто с’вода да ги капеш,
згора и раце склопени си ги држи,
15 и немој без срам кон Бога да ги пружаш
нив, с’коишто по грев често посегаше.
Воздржи си, според сила, јазик дрзок,
– бидејќи лесно си е подложен на грев”
зашто саде од него мнозина и од
20 големите скршнаа од правиот пат,
та го загубија Небесното Царство.
А пред тоа ушите си ги затвори
да не чујат ништо срамотно и празно,
па тогаш со јазикот ќе завладееш.
25 Слушај ги сал на твојот отец уките,
та смирени одговори му давај и,
ко на Бога, помисли свои му кажуј,
од прегрешенија ништо не сокривај,
не прави ништо без негово знаење,
30 ни да спиеш, ни да јадеш или пиеш!
Кога со време тоа го запазиш, не
мисли дека нешто вељо си извршил!
Точно оти си посеал в’пот и мака,
но на трудој свои плод уште не си збрал.
35 Не се мами, не мисли дека си нашол,
пред да си придобиеш очи душевни
и да си очистиш уши на срцето
од гнаса, со солзи измивајќи ги, та
не почнеш духовно да гледаш и слушаш
40 и сите сетила да си ги менуваш,
па ќе созерцаш тогаш многу нескажно

и ќе чуеш повеќе пренеобично,
што не може јазик твој да изглаголи.
Трепетно чудо е духовно да слушаш,
45 но така да гледаш е чудо над чуда!
Таквиот ништо плотско веќе не мисли,
по земја врви ко низ воздух да јазди,
и сèси зерца, дури и до бездните,
та ги разбира и сите созданија,
50 Го познава Бога, и смајан од страв,
ко на Творец, Му се клања и Го слави.
Вељо е да го знаеш Владичеството,
ако и сите си мислат дека го знаат,
не се сомневај? повеќето се лажат!
55 Тоа го знаат само просветлените,
а сиве други, о страшна ли заблуда,
помрачни се дури и од демоните.
Туку, Господи и Создателу на сè,
Кој од земја смртно суштество ме створи
60 и с’благодат на бесмртност ме почести,
да живеам, да зборам и да се движам
ми даде, та да Те славам, Владико на сè,
Сам ми, Владико, на бедниот, подај да
Ти припаѓам и полезното го просам!
65 Не знам јас ни како ме има на свет, ни
што е тоа што мислат дека постои,
што ли е моево зрение, Боже мој,
не можам да кажам, што, пак, зерцаното,
како сите луѓе се осуетивме,
70 па суд правилен за суштото немаме.
Одвај вчера дојдов, а утре си одам,
и си мислам дека овде сум бесмртен.
На сите за Бог мој Те исповедам,
а с’делата секој ден Те одрекувам.
75 Учам дека Ти си Сотворител на сè,
а се трудам и без Тебе сèда имам.
Ти царуваш со вишни и со нижни, а
сал јас не се бојам да Ти се противам.
Подај му на трошниот и прежалниот
80 да отфрли секое зло од душата,
која надуеност и пуста надменост,
оф леле, ми ја дробат и сотруваат!
Подај смирение, дај рака споможна
и очисти ми ја душава од гнаса,
85 дари ми и солзи на покајание,
солзи на копнеж, солзи на спасение,
солзи очистителки од мракот умствен,

кои одново светлозарен ме прават.
Сакам да Те зерцам, Светлино на светот,
90 Светило на мојве очи, на скрбниот,
кому срце е полно со зла житејски,
со завист, та и со чемери големи
кон дејците на мојво прогонство или,
поарно кажано, мојте доброчинци,
95 стопаните, мојте сушти пријатели.
Ним за злото подај им добра, Христе мој,
вечните, обилните и Божеските,
кои си ги приготвил во веки веков
за копнежните од срце што Те љубат!